Денеска напладне во клубот на пратениците треба да се одржи средба помеѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети на која двајцата владини коалиционери ќе разговараат за можен консензуален кандидат за претседател со кого ќе настапат на пролетните претседателски избори.
Отворениот оглас во СДСМ за кандидатура за претседател на државата трае до утре.
Претходно ДУИ ја остави отворена можноста тие на изборите да одат со свој сопствен кандидат, но и дека се отворени за предлозите што би дошле од СДСМ. Синоќа, СДСМ со партиите од коалицијата одржаа прв состанок на тема консензуален претседателски кандидат.
„Постигната е начелна согласност на лидерско ниво, партиите од коалицијата предводена од СДСМ да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на претстојните претседателски избори, уште во првиот круг“, додаваат од партијата.
Договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, кои се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните.
На средбата не беше претседателот на ЛДП, Горан Милевски кој најави дека на изборите ќе одат со свој кандидат.