Премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва со почеток од 18 и 30 ќе дебатираат во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.
Во најавата на Канал 5 велат дека ТВ дуелот ќе трае 100 минути, со ограничување на одговорите на прашањата во времетраење од 2 минути и соговорниците ќе имаат можност за размена на реплики и контра-реплики.
„Двајцата гости ќе добијат прашања на актуелните теми на кои граѓаните очекуваат одговори а и самите ќе имаат можност да отворат по една тема. По завршувањето на дуелот најавуваме таканаречена проверка на фактите во која новинарски тим на канал 5 ќе ги проверува и споредува тврдењата на лидерите со релевантните извештаи од домашните и меѓунардоните институции со цел да се избегнат манупулации со јавноста“, се вели во најавата на Канал 5 телевизија.
Премиерот Заев на вчерашното гостување на трибината „Фер општество, шанса за сите“ во Куманово, за Мицкоски рече дека е тешко да се дебатира со него бидејќи бил неодговорен и дека за многу важни работи не помага на државата.
А. Петровска