Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешното гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, изјави дека концептот „Едно општество за сите“ започнал со нападот на 27 април, но недоволно завршен поради спречувањето од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Заев истакна дека верува дека во ИЕ6 ќе ги победат ДУИ и Алијансата со еден пратеник повеќе.
Според него, долгото седење во власта на ДУИ, резултирало со статус на богови во одредени сегменти и дека нивната предизборна реторика покажала колку и било тешко на владината коалиција во изминатите две и пол години.
„За мене е успех ако ги победиме ДУИ и Алијанса во ИЕ 6, макар со еден пратеник повеќе. Ние ќе имаме 6 или 7 пратеници, а тие ќе имаат пет. Ние имаме граѓански гласови, а тие калкулираат само со албанските. ВМРО-ДПМНЕ пак се осврнува на Македонците. Нема што да бараат повеќе од два. Македонија е мултиетничка држава, ние сме со граѓаните, не со етникумите. Се додека сме насочени кон овој проект, ние ќе победуваме. Реториката на ДУИ е легитимна, а таа беше причина да си ги отвориме срцата и да кажеме колку беше тешко изминатите две и пол години. Тешко е и за нив. Со нив работам, има таму многу чесни, ама проблем се годините власт кои на одредени сегменти ги направиле богови. Држеле обвинение во некои фиоки а наместо обвинет, некој станал бог. Здраво е за државата и за секоја политичка партија која била толку време на власт, да оди малку во опозиција. Да има малку освежување, со нови елани, нови сили и енергии. Јас сум првиот Македонец комплетно растеретен од етничката припадност и ова не го зборувам поради идејата премиер Албанец“, изјави Заев.
Заев најави промени во кадровскиот потенцијал, а во домашниот фокус, очекува во наредните четири години економијата да се најде на врвот.
„Големите прашања и дома и надвор завршија. Со соседите сме пријатели, очекуваме само помош и поддршка, а доминантно сега, во наредните четири години ќе се кршат копјата на домашен план, да се види кој го бива а кој не. Нема веќе Грција, Албанци-Македонци, туку ќе ја креваме економијата. Големи одлуки донесовме, имавме ставови, знаевме да се корегираме, сега овие наредни четири години ќе бидат предизвик за кој верувам дека можеме да бидеме супер земја, која ќе има голем економски стандард. Имаме свои ресурси, работлив народ и потенцијали. Имаме пријатели пред нас и верувам во заеднички успех“, порача Заев.