Сите што останавме на лидерската средба сме за успешен референдум, а однесувањето на Мицкоски демонстрирано во име на ВМРО-ДПМНЕ е несериозно, неодговорно и навредливо кон сите политички субјејктки и граѓаните на Македонија, рече вечерва премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев по лидерската средба во Клубот на пратениците, објави МИА.
Заев соопшти дека за утре во 12 часот е закажана уште една лидерска средба во помал состав на која, како што истакна, Мицкоски ќе може да се изјасни дали е за НАТО и ЕУ, како и дали е за тоа граѓаните да одлучуваат за иднината на Македонија.
Заев, како што рече, на средбата ги информирал лидерите на политичките партии за можната формулација на рефередумското прашање кое би гласело: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.
Референдумот, подвлече Заев, ќе биде консултативен за граѓаните да бидат консултирани пред да се донесе одлуката за уставни измени. Волјата на мнозинството граѓани изразена на референдумот, ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието на РМ.
– За ова разговаравме сите што останавме до крај на лидерската средба, а Мицкоски, ако е за НАТО и ЕУ и за просперитетна иднина на Македонија, требаше да седи со сите нас, рамо до рамо, и да носи одлуки во интерес на граѓаните, но одлучи да избега од одговорноста за ова историски најважно прашање за македонската иднина, потенцира Заев.