„Убав, величествен и историски ден! Нека ни е со среќа!“ – рече македонскиот премиер Зоран Заев, откако ги поздрави присутните на церемонијата на потпишување на Договорот за надминување на спорот со името, меѓу кои беа високи светски и европски политички и дипломатски претставници. Со договорот, според Заев, „навистина поместивме планини“.
„Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор што нѐ делеше. Избравме решение што нѐ обединува… Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“ – рече премиерот Заев – „Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото, градиме иднина…“
„Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се и никогаш не смее да бидат опции на Европа“ – рече Заев.
Премиерот им се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, кој две и пол децении беше медијатор во овој спор, и му го честиташе роденденот. Тој го поздрави и присутните високи претставници на ЕУ, Федерика Могерини и Јоханес Хан. Тој ја истакна и долгогодишната поддршка и од Соединетите Амеркинаски држави и од сите сојузници на НАТО.
Џ. Д.
фото: Александрос Стаматиу