Во серијата јавни настапи „Две години Влада – Одговорно пред граѓаните“, премиерот Зоран Заев, министерката за правда, Рената Дескоска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, вчера гостуваа на емисијата „Отворено“ на ТВ24.
Заев на прашањата посветени на реформите во правосудството со акцент на СЈО истакна дека законот за Јавното обвинителство, со место на СЈО во обвинителскиот систем и треба на државата, и дека законот разработува само принципиелни решенија без да допре во независноста на поставеноста и работата на Јавното обвинителство и на сите структури во него.
„Ги поставуваме принципите на институционална посветеност на целиот обвинителски систем во земјата. Не смееме заради политички интереси да се доведеме во ситуација да дадеме амнестија за криминални дејанија кои биле започнати. Опозицијата бара да запрат постапките и да се поништат доказите“, изјави Заев.
Министерката за правда Рената Дескоска на ова прашање изјави дека работата на СЈО треба да се поддржи со нова законска рамка, бидејќи даде резултати.
„Не треба да го минимизираме трудот на СЈО и обвинителство за организиран криминал. Донесена е пресуда против поранешен премиер. Се водат постапки против политички партии“, истакна Дескоска.
Ветингот, како процес на проверка за вршење на функциите, рече Спасовски, ќе се спроведе врз основа на анализа на состојбите и полицијата и во другите институции, откако ќе биде спроведена јавна расправа и конференција на која ќе се зборува за подготовка на законско решение за спроведување на ветингот.
„Започнавме реформски процес кој ќе го демонтира системот кој беше јадро на политичката криза. Тоа е концепт кој ќе се заснова на 3 столба. На начинот на вработувањето на секој полицаец, второ, на имотната состојба на полициски службеник и трето образованието и квалификациите“, додаде Спасовски.
А. П.