„Преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ние ја потврдивме нашата искрена добрососедска намера кон сите. Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми“ истакна премиерот на земјава и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на 26. Конгрес на партијата.
„Нашиот белег како партија беше и се уште е: никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања. СДСМ се вложи во целост и го поведе народот кон решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на земјата“ истакна претседателот на СДСМ и премиер на Северна Македонија, Зоран Заев на отворањето на 26. конгрес на партијата.
„Заедно постигнувме историски успеси со зачувување на македонскиот идентитет, за цементирање на нашиот територијален интегритет преку членството во НАТО и за етаблирање на нашата Северна Македонија на светската политичка сцена, со најмоќните сојузници во светот, како почитувана и мирољубива земја“ кажа Заев.
Лидерот на СДСМ додаде дека храброста раководството и членството на СДСМ, како и мнозинската волја на народот биле клучни за членството во НАТО Алијансата и напредокот во евроинтеграциите.
„Една од двете стратешки цели поставени уште пред 30 години денеска е остварена. Нашата татковина чекори напред, по вистинскиот, по европскиот пат и нема враќање назад, продолжуваме напред. Тоа е нашиот втор голем, историски, државнички успех. И уште една суштинска разлика со нашиот политички опонент, ВМРО-ДПМНЕ, кој 11 години земјата ја држеше изолирана и заробена, на погрешен пат“ истакна Заев.