За да биде финансискиот систем на земјата стабилен во кризни состојби како оваа со коронавирусот, најпрво треба да повлечеме пари од надвор, да ги исцрпиме тие можности до крај и дури потоа да се свртиме кон дома. Ликвидноста сега е најбитна, да се овозможи државата да функционира нормално, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во гостувањето на „Само интервју“, Заев напомена дека Буџетот е полн и неговата реализација е максимална. Економските мерки што ги предложи СДСМ се во координација со стопанството. Но, мора да се знае, како што истакна, колкав е реалниот капацитет за помош и во тие рамки да се делува. Притоа, сите треба да бидат солидарни и да понесат дел од товарот.
-Ова се правила кои треба да се следат. Ликвидноста е клучна, а вистинска државничка политика е да се мисли на се, на сите и до крајот на годината. Имаме здрав финансиски систем, координиран меѓу власта, народната банка, стопанството и комерцијалните банки. Суштината во вакви услови е да се обезбедат пари од надвор. Не земаме од домашните банки, туку од надвор. Повлекуваме колку што треба, обезбедуваме доволно за да ги задржиме основните функции на државата. Тоа носи девизна стабилност и не ги загрозува домашните потенцијали. Не треба да се чепка во вториот пензиски фонд, тоа се пари на граѓаните. Не ги земаме ниту благајничките записи. Ова е ликвидносната состојба што треба да ја чуваме. Првиот чекор е земање пари од надвор, потоа се вртите кон дома, напомена Заев.
Тој е дециден дека во моментов се прави максимум и се она што вистински може да се стори и да се преземе.
Се осврна и на вториот пакет мерки кој, меѓу другото, предвидува секоја компанија да добие по 14.500 денари по работник за април и мај.
-Ова е време на криза, нема екстра приходи, плаќање кредити и извршители. Треба да го пребродиме периодов. Државата финансисра 70 отсто од вкупните давачки на компаниите за плата, истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Република Северна Македонија има капацитет и ресурси да ја надмине здравствената, но и економската криза што ја наметна ширењето на коронавирусот, Заев. Тој додава дека земјава засега добро се справува со кризата од ширењето на коронавирусот, за што, како што рече, говори и тоа дека факторот за ширење на заразата се уште е мал.
-Важно е сите да стегнеме заби и да го пребродиме овој период. Треба да знаат граѓаните дека Владата и институциите, сите ние сме свесни, колку е сериозна ситуацијата. Знаеме дека има многу загрижени граѓани да не ги изгубат своите работни места, затоа сега се прават политики да ги задржиме работните места, многу компании да не пропаднат и за тоа водиме грижа. Водиме грижа и за тие што останале без работа или ќе останат без работа, за тие од неформалната економија итн. Колку повеќе бидеме солидарни, водиме грижа еден за друг и ги почитуваме институциите и препораките што стигнуваат од стручните луѓе толку побрзо и полесно ќе преболиме, рече Заев.
Тој вели дека не е исто да да сте Словенија или Германија и посиромашна земја, но додава дека сепак имаме наши ресурси и капацитет кои добро се управуваат.
Лидерот на СДСМ нагласи дека е важно граѓаните да ги почитуваат препораките и институциите, и добро е што граѓаните во поголем дел ги почитуваат овие препораки.
– Светот се води односно се справува со кризата на два методи или начини. Едниот го вика чекан, другиот го вика танцување. Чеканот е употребен во многу малку земји каде што буквално значи комплетно затворање, стопроцентен полициски час, сите дома за кризата да се надмине, ама пак тоа прави невидени штетни последици врз економијата, а 95-96 отсто го користи вториот начин на таканаречено танцување на владите со стопанството, со работниците, со народните банки и сите, се додека се држат на овој танц заедно додека не заврши индикаторот на последиците, а тоа е здравствената состојба или здравствениот дел од кризата, рече Заев во интервјуто.
Додаде дека има еден Р фактор којшто значи влијание на заразувањето, односно ако за неколку седмици еден заразен зарази двајца или тројца тогаш треба да се превагнува кон чеканот, односно да се стега се повеќе со драстични мерки.
Тој е уверен дека мерките што се на сила се соодветни на ситуацијата. -Во СЗО и меѓународно како се прават споредбите, навистина сме добар пример со сите други земји и треба да бидеме горди на тоа заради тоа што одлуките ги носат стручни лица. Кога требаше да одлучиме како да се поставиме, рековме да биде се транспарентно – да се соопштува и доброто и лошото за да може мерките да бидат почитувани од граѓаните. Верувам дека начинот на кој танцуваме и менаџираме е максимално успешен, рече лидерот на СДСМ.
Дека добро се менаџира, со кризата, според него, говори и тоа што многу амбасадори останале тука иако имале можност да заминат во своите матични земји. Тие, рече Заев, велат дека од многу други поразвиени земји подобро се справуваме.