Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која и амбасадорот на Италија во Скопје, Карло Ромео, учествуваше на конференцијата „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел-италијанскиот пример”, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија.
„Сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него. Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој. Нејзиниот одржлив развој“, изјави Заев.
Заев истакна дека корупцијата извршена од лица што работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на законите и на владеењето на правото, е најтежок вид на корупција. Затоа, истакна тој е потребна сеопфатна, високо приоритетна акција за искоренување на корупцијата и конфликтите на интереси на сите нивоа и во сите јавни институции.
Конференцијата има за цел да послужи како платформа за подигање на свеста за новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси. Помеѓу останатите теми, дискусијата ќе се фокусира на независните надлежни органи одговорни за антикорупција, институционалните реформи и перспектива за интеграцијата во ЕУ, како и можност за учесниците да се стекнат со сеопфатен увид во италијанската пракса за борба против корупција.