Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата рече пратеникот Панчо Минов од ГРОМ ќе гласа за уставните измени и оти процесот на разговори може да биде гаранција дека ќе се обезбедат пратеничките гласови.
„Пратеникот Панчо Минов ќе гласа, но работеше на амандманите. Вграден е на три-четири пати во амандманите со неговата креативност во предлозите и тоа ќе биде составен дел во новиот Устав доколку се изгласаат ваквите уставни амандмани и уставниот закон“, рече Заев.
Сепак, тој потенира дека не може да тврди оти има 80 пратеници. Ако нема, посочи премиерот, тогаш секој ќе си ја понесе одговорноста и ќе живее со неа.
„Не можам да кажам дали ќе има 80 пратеници. Секако деновите се броени затоа што постапката е отпочната. Еве денеска зависно од дискусијата веројатно може да се развие да се гласа, најдоцна утре може да се гласа. Јас верувам дека денеска треба да се гласа првиот амандман. Опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски не е таму, така да логиката кажува дека денеска треба да се гласа. Ако покажеме дека не се исгласува тоа е тоа. Одговорноста ќе си ја понесеме сите за процесот. Сепак, тоа е одлука на пратеник, секој ја знае сопствената одговорност и ќе си живееме со таа одговорност. Исто така, ако се изгласа, среќата ќе ја споделиме. Со таа позитивна одговорност ќе живееме и ќе се радуваме и ќе ги чекаме сите позитивни работи“, вели Заев.
Во врска со барањата на БЕСА, околу државјанството, премиерот Заев изјави дека се бара техничка формулација околу државјанството, да се задржи идентитетот во државјанството за Македонците, но да не се почувствуваат Албанците, Турците Србите и другите обесправени.
„Во делот на процесите на преговорите учествувам како претседател на СДСМ. Да не бидат лошо пренесени пораките. БЕСА е принципелно поставена во однос на идентитетот. Од другата страна се осумтте пратеници кои будно следат што ќе се случува со идентитетот. Државјанството е „Македонско кроз граѓани на Република Северна Македонија“. Се наоѓаат технички формулации како да биде државјанството „македонско кроз граѓани на Република Северна Македонија“, но да се обезбеди другите да не почувствуваат дека се обесправени и дека се Македонци. Државјанството не е етничка припадност, тоа треба да го разграничиме, но ние во преговорите (со Грција) баравме да се стави во формулацијата – македонско. И сакаме тоа да се задржи и еднаш за секогаш да се знае.Тоа го знае и Билал Касами. Но истовремено не сакаме припадниците на другите етнички групи да бидат обесправени. да бидеме реални не е исто на албански „маќедонис“ и „македоник“ , Македонец и на Македонија. Тоа е игра на зборови. Ако бидеме поинвентивни ќе изнајдеме решение и за овој проблем.Верувам дека ќе го најдеме“, рече Заев.
Тој истакна дека вкупната бројка на пратеници кои ќе гласаат ќе се знае на самиот ден на гласање и дека ќе се види по првиот амандман за време на гласањето.
„При првото гласање за првиот амандман ќе се знае дали е обезбедено мнозинството. Ние направивме се. Сега се на потег се пратениците и тие треба да понесат одговорност“, рече Заев.
На прашањето дали осумте пратеници го поддржуваат барањето на Беса, премиерот Заев не одговори конкретно. Во однос на изјавата од Касами дека ако Владата не ги прифати барањата на Беса, нивните двајца пратеници нема да гласаат за уставни промени, Заев вели дека е оптимист за изнаоѓање решение.
М. И.