Премиерот Зоран Заев, заедно со делегацијата што ја сочинуваат министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров и пратеникот во Собранието Џевад Адеми попладне ги започнаа активностите од учеството на годинашната Минхенска конференција за безбедност.
Покрај учеството на повеќе настани во рамките на конференциската агенда, Заев и делгацијата ќе остварат повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
Како една од бројните билатерални средби, беше денешната средба на премиерот Заев со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
На средбата двајцата соговорници ја потврдија нагорната линија на развојот на одличните односи меѓу двете земји, со потенцијали за проширување на добрите релации, особено во економските врски.
Претседателот Ѓукановиќ му честиташе на премиерот Заев за статусот на поканета земја-членка на НАТО и соопшти дека црногорското собрание многу брзо ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, по што Република Северна Македонија ќе се стекне со полноправно членство откако протоколот ќе го потпишат сите земји членки на Алијансата.
Премиерот Заев на средбата ја изрази својата, и благодарноста на Владата на РСМ и на народот на нашата земја за континуираната поддршка што Република Црна Гора ја пружа на нашата земја и изрази убедување дека взаемната поддршка и соработка и понатаму ќе се зацврстува и шири во интерес на граѓаните на двете земји.