Со огромна поддршка од 81 пратеник во Собранието, се изгласа новиот, десет месеци очекуван Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси. На гласањето му претходеше размена на остри обвинувања меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните поранешни сопартијци што сега функционираат како независна група. Критики се упатија и кон СДСМ за десетмесечното доцнење на овој закон. Пратеничката Нола Старова Исмајлова рече дека е незадоволна од начинот на кој законот дојде на дневен ред и ги обвини двете најголеми партии. „Прво слушавме како СДСМ сака присилно да вметне закон и дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го блокира, за после за два часа да се постигне договор“ – рече пратеничката.
Од друга страна, пратеничката Даниела Рангелова ја обвини својата партија за амандманот со кој не сакаат да се има слободен увид во сметките на пратениците. Таа потсети дека УЈП сега има право да врши проверки во сметките на граѓаните. Затоа, таа не гледа причина зошто Антикорупциска не би можела да ги проверува сметките на пратениците. „Што имаме ние повеќе од нив?“ – праша Рангелова.
И пратеникот Илија Димовски се изјасни за слободна проверка на сметките на пратениците, а отиде и подалеку, барајќи Антикорупциската комисија да може да врши проверки и во имотната состојба на политичарите.
Другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се пофалија дека со прифаќањето на нивните 20 амандмани сега Македонија конечно добива квалитетен закон против корупцијата и професионална и независна комисија.
И пратениците од СДСМ излегоа со слични пофалби дека со новиот закон се имплементира позитивна и важна реформа во борбата против корупцијата.
Текст и фотографија: Арбен Зеќири
Преземање на содржините e ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.