ВЕСТ НА ДЕНОТ: Започна имунизацијата на децата со „Фајзер“
Денеска започна вакцинирањето со „Фајзер“ на децата од 12 до 17 години, чии родители/старатели се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk, а според последните податоци од Министерството за здравство, пријавени се околу 1800 деца. Паралелно продолжува и имунизацијата на возрасното население.
Здравствените власти апелираат дека единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација. Од Министерството за здравство вчера информирaа дека кај нас се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран.
Комисијата за заштита на населението од заразни болести по разгледување на моменталната епидемиолошка состојба во земјава, утринава одлучи да не предложи воведување на какви било рестриктивни мерки за заштита од корона вирусот во земјава.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Бабановски: Македонија ја користат како „истражувачки центар“
„Судбината на Балканот ја одредува неговата геостратегиска положба, како крстопат, речиси на сите сувоземни и водни патишта и тоа Запад-Исток, Север- Југ. Империјалните сили на овие простори од секогаш ги одмерувале своите воени-политички, економски, социјални, културни, но и континуирани шпионски дејства и активности, националистичките интриги, економските кризи и војни. И денес, Македонија личи на Казабланка во пресрет на Втората светска војна, се создаваат разузнавачки коалиции, се организираат во пулови кои им овозможуват полесно да дојдат до потребните информации, а потоа ги разменуваат, анализираат и откриваат слабите точки на Република Северна Македонија врз кои ќе дејствуваат во полза на своите интереси. Некогаш дејствуваат самостојно, поединечно, но некогаш и во соработка на ниво на пријателските служби, ако заедничкиот интерес им е да се успоруваат или потполно да се сопрат некои процеси во Република Северна Македонија. Таквите однесувања поврзани со често прекројување и менување на границите, креирање на политичка нестабилност довеле до втемелување на нов поим во политичко-географската и воено-безбедносна терминологија, пежоративно Западниот Балкан да се претставува како „урбана џунгла и владеење на правото на посилниот.“, изјави универзитетскиот професор Иван Бабановски за ЦИВИЛ МЕДИА.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС Конкурсот за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и инструктори за претстојниот попис ќе биде објавен утре во четири дневни весници, како и на веб-страницата www.Popis2021.stat.gov.mk каде ќе биде активна и апликацијата за електронско пријавување, информираа од Државниот завод за статистика.
ПРАВДА Заради барање на одбраната за превод на доказите во случајот на Јавното обвинителство доставени на англиски јазик, на македонски јазик, како и зафатеност на адвокатот поставен по службена должност во предметот означен од обвинителството како „ТНТ“, денешното судење за „Плацеви на Водно“ се одложи, соопштија од Основен кривичен суд Скопје.
СОБРАНИЕ Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска го разгледаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во прво читање и едногласно оценија дека е прифатлив и може да се даде на натамошно, второ читање.
ПРЕВЕНЦИЈА Во скопските општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена – Скопје ќе постави посебни контејнери во кои граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад, информираат од Јавното претпријатие.
АНАЛИЗА
„Во општата конфузија во која, не по своја вина, се најде Македонија во очекување на почеток на преговорите за членство во ЕУ, сериозните политичари и дипломати предупредуваат на опасност од појава на понуди за разни алтернативи надвор од определбата на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Тие понуди, не само што се евидентни, туку се и агресивни и бескрупулозни. Разни домашни мешетари помогнати од внатре и од надвор, од странски агентури, експоненти на други големи сили, па и разни експерти и универзитетски професори, нудат готови решенија за „добробит на Македонија“ надвор од ЕУ и НАТО.“, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата „Северна Македонија ги буди Исток и Запад (1)“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Советниците според законот треба да имаат минимум познавања од функционирањето на локалната власт. Членуваат во разни комисии кои некогаш можат и битно да влијаат на животот на своите сограѓани. Донесуваат измени на урбанистички планови, цена на комунални услуги, одредуваа културни збиднувања во општината каде живеат. Како ќе изгради став некој советник, за развојот на градот, ако нема почетни знаења за природата на проблемите за кои ќе одлучува. Да се подигне рака според партискиот став е најлесно, затскриен си зад колективот, но тоа е само оправдување пред соседите и сограѓаните, но не и пред себе и пред утрешните денови.“, пишува Војо Маневски во колумната „Да идам, да видам, што да бидам“.
„Со оглед на тоа дека пензионирањето не е поврзано со никаква претходна процена на успешноста во работењето на тој кој се пензионира, многу лесно може да се случи добри и успешни работници да бидат заменети со лоши и неуспешни.“, пишува проф. Мирјана Најчевска во Правни перспективи „За промените во Законот за работни односи“.
ЕДИТОРИЈАЛ
Џабир Дерала се осврна на неодамнешниот пад на серверите на руската дарк веб платформа REvil во својот едиторијал под наслов „Што значи падот на руското сајбер зло?“.
„Едно е извесно. Хибридната војна влезе во нова фаза. Резултатите од „западната контраофанзива“ допрва ќе се почувствуваат и во останатиот дел од светот. Засега, прва жртва на политичко-безбедносниот одговор на руското „сајбер зло“ е REvil. И ова е само почеток.“ – пишува Дерала.
Д. Тахири












