Categories

ПОЛИТИЧКИ ДИЈАЛОГ Безрезервна поддршка на меѓународната заедница за новите македонски перспективи

Со околу 100 присутни и повеќе од десет водечки медиуми започна Конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“, која предизвика огромен интерес во јавноста и е прв голем настан кој го означи почетокот на важните процеси за македонските интеграции. На конференцијата говореа премиерот Заев, амбасадорите Германија, Хрватска, Словенија и Унгарија, високи претставници на четири парламентарни политички партии, осум организации на граѓанското општество и еден претставник на бизнис заедницата. 

Премиерот Зоран Заев, ја отвори конференцијата и истакна дека Македонија избрала стабилност и сигурност за нејзините граѓаните, слобода и правда без исклучок, бидејќи тоа се европските вредности.

Премиерот Зоран Заев

„Избравме борба против дискриминација, никој да не биде запоставен. Унија на максимална почит и афирмација на културните и јазичните идентитети. Избравме да почитуваме вредности. Граѓани на ЕУ без национални граници, заедница која максимално ги слободата на изразувањето и заштитата на човековите права.“ истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека за една година, на Европската комисија и е дадено доволно аргументи за тоа дека Македонија треба да ги започне преговорите.

„Доналд Туск нѐ пречека и рече: Добродојдовте во Брисел, ова е добра недела за Македонија и за Западен Балкан, Европскиот совет без ниедна забелшка ја прифати оваа одлука.“

Поздравен е договорот со нашите соседни држави, Бугарија и Грција, особено оној со Грција, бидејќи претставуваше сложен проблем.

Премиерот на крајот додаде дека испораката на резултатите не завршуваат со членство, ќе мора да се продолжи со испорачувањето на услови и резултати, и дека нашите граѓани конечно ќе можат да ги уживаат европските вредности.

Германскиот амбасадор во Македонија, Томас Норберт Герберих, упати честитки на владиниот кабинет и граѓаните на Македонија, кои работеле напорно до европска интеграција, и додаде дека остатокот од патот нема да биде лесен, и понекогаш ќе биде болен, бидејќи земјите кандидатки се уште ги немаат сите услови кои за ЕУ се важни.

Германскиот амбасадор Томас Герберих

„Историскиот договор со Грција претставува голема можност за членството во ЕУ. Советот очекува дека во 2019 година ќе биде успешна и дека на крајот од годината преговорите ќе завршат“ додаде германскиот амбасадор.

Хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ

Хрватската амбасадорка во Македонија, Данијела Баришиќ, истакна дека членството во Европската Унија значи градење на стабилна и просперитивна држава за сите, и ги поздрави политичарите во Македонија и истакна дека тие се свесни за работата која стои пред нив, но и дека се подготвени и  храбри да продолжат со тоа.

За процесот на започнувањето на преговорите на Хрватска, амбасадорката истакна дека тогаш усвоиле повеќе од 300 закони и повеќе од 1000 подзаконски акти, и дека исто така го промениле Уставот пред да станат членка на ЕУ.

Вредеше целиот процес. За нас најтешко беше поглавјето 8, за пазарната конференција, и правосудството и основните права. Во текот на преговорите имавме и други проблеми, но сепак ја завршивме нашата работа, а на крајот спроведовме и референдум, кој беше обврзувачки.

„Не влегуваат во ЕУ само министерствата, туку целата земја. Затоа ви е потребно целото општество.“ додаде Баришиќ.

Амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбек, истакна дека Македонија е дел од Европа, само уште треба да се истисне процесот на преговори за Европа, за да се стигне до целосно вклучување.

„Добро е да се учи од сите нас, особено од Словенија и Хрватска, кои се блиски и слични со Македонија. Сега по сите промени, и Македонија е дел од тој процес, конечно, и ова значи дека земјата прави една промена и станува дел од решението, и Македонија е водечка сила за промената на Балканот.

Амбасадорот додаде дека станува збор за една огромна структурална промена и важно е да се успее, особено за една земја како Македонија која чека толку долго време за да стане членка на ЕУ. Тој исто додаде дека ако малку потесно го погледнеме НАТО, секако не е како ЕУ, но сепак станува збор за безбедност и стабилност, а тоа се клучните работи во една држава.

„Направивме и промена на Уставот, тоа се прави на почетокот на процесот, но ние го направивме тоа на крајот. Кога вршевме такви дискусии, јас ги опишуваав аргументите, но не сакав да им вршам притисок на граѓаните, за да донесат сами одлука. И на сите прашања кои ни ги поставуваа, им дававме соодветни одговори.“ истакна Јазбек.

Амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс, истакна дека Унгарија започнала со преговорите во 1998 година, а се вклучила во 2002 година, и дека сите земји се наоѓаат во различни позиции.

Унгарскиот амбасадор Ласло Дукс

„Имавме референдум за приклучување, каде што поголемиот дел од населението беше за авлез во ЕУ. 61 проценти беа за, а само 8 проценти беа против зачленувањето на Унгарија во ЕУ. Најбитното е слободното движење на работниците, многу земји кои се приклучија со нас или после нас имаа драстични промени“, додаде амбасадорот на Унгарија.

Ангела Петровска
фотографија: Биљана Јордановска

 

 

Print Friendly, PDF & Email