Денеска во 12 часот е закажана 75 седница на Собранието на Република Македонија каде со шест точки на дневен ред започнува финалната фаза на уставните промени.
Во меѓувреме премиерот Зоран Заев ги отстранува последните пречки за обезбедување на двотретинско мнозинство, колку што е потребно да се исполни најтешкиот услов од Преспанскиот договор.
Заев и Димитров изразија подготвеност да го прифатат барањето на Беса во личните документи на албански јазик граѓанинот да е запишан само како “државјанин на Република Северна Македонија”, додека на македонски јазик останува државјанство “македонско / граѓанин на Република Северна Македонија”.
Заев, по прибижувањето на ставот со Беса и произлегувањето на овој предлог, се очекува за истиот да разговара со групата на исклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку премиерот веќе може да смета на гласовите на Алијансата на Албанците, откако Заев и Села претходно се договорија во Преамбулата да се избрише цитатот за дијаспората „граѓаните кои што живеат надвор од границите“ и наместо неа да се набројат сите етнички заедници.
По средбата со Села и Таравари, премиерот Заев посочи дека е „важно да се сочува македонскиот идентитет“, како и дека „двете партии, Алијанса на Албанците и Беса остануваат определени кон НАТО и ЕУ, а останува чувството дека тие водат грижа и за македонската етничка заедница и на самоопределувањето како Македонци“.
Аргументите на власта се дека терминот македонско се однесува само на државјанството, а не и на етничката определба. Токму оваа дефиниција во Преспанскиот договор беше истакната како компромис од грчка страна. Имено во договорот со определбата македонски/македонско се посочуваат само јазикот и државјанството. Нови суштински измени на формулата би значеле и значајни промени на самиот договор за решавање на спорот за името и тоа на штета на македонските позиции. Во самата формулација стои државјанство македонско/граѓани на Република Северна Македонија што ги опфаќа сите етнички припадности, но очигледно е дека за да се придобијат гласовите на дел од БЕСА ќе мора да се направат нови отстапки или оставање простор за различно утврдување на државјанството на етничките Албанци и другите етнички заедници.
За прашањето за албанскиот јазик, Зијадин Села истакна дека не се откажува. – „Стоиме на ставот дека Македонија треба да биде членка на НАТО и ЕУ. Од друга страна, има и работи за кои во принцип се согласуваме, но треба да се бараат начини како тоа да се изведе. Ние како ‘Алијанса за Албанците’ нема да кренеме раце од нашето барање за албанскиот јазик да биде дефиниран како албански јазик, а не како „друг јазик“. За ова уште не сме постигнале договор и компромис“, истакна Села.
Дополнителнитe нарушувања на веќе утврдените позиции и гаранции на македонскиот идентитет ќе ги стават под знак прашалник гласовите на протераните пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, а уште помалку би оставиле простор за евентуални нови гласови од македонската опозиција.
Претходно беа исполнети и барањата на ДУИ за вметнување на Охридскиот рамковен договор во Преамбулата на Уставот како дел од уставните измени. На овој начин сите албански партии се „докажаа“ пред својот електорат, односно наметнаа нови измени со кои ги „одбранија“ албанските интереси во Македонија. Затоа и албанската опозиција не пропушти да остане покуса во политичката пресметка со ДУИ. Гласовите на пратениците на Касами се неизвесни и денес ќе има дополнителни средби за да се договори потребното двотретинско мнозинство за финализирање на уставните измени со што ќе може да се имплементира Преспанскиот договор.
Според вицепремиерот Османи албанските опозициски партии не треба да се кочничари во процесот за измени во уставот.
Расправата која започнува денеска во Собранието се очекува да заврши до петок, поради отсуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Паралелно со денешната седница, пред Собранието ќе се одржи протест против уставните измени.