Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој се спроведува во партнерство со четирите најактивни стопански комори во земјата (Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северо-западна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија), одржа информативниот настан на тема „Заштитата на личните податоци како едно од приоритетните прашања во функционирањето на бизнис секторот”.
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ како глас и ресурс на ИКТ секторот во Северна Македонија активно се занимава со сите прашања и предизвици со кои се соочуваат ИКТ компаниите во нивните секојдневни бизниси. Овој настан е одговор на потребите на компаниите за понатамошно подобрување и доближување на регулативата од областа на заштитата на личните податоци, со цел нејзино правилно користење.
Денес и вчера на инфо-сесијата во Битола се отвори темата за сензибилноста на заштитата на личните податоци и директното влијание на секоја компанија, како и поединечно на секој вработен кој располага со податоци, заштитени со закон.
„Како најгорлив проблем во оваа област е строгоста на законот и тешката имплементација. Целта која сакаме да ја постигнеме е утврдување на важноста на познавањето и усогласеноста на компаниите со регулативата од областа на заштитата на личните податоци“, истакна Анита Никова, извршен директор на МАСИТ.
Потребна ќе биде поголема соработка меѓу компаниите и надлежните институции за целосно запознавање со соодветни технички и организациски мерки за обработка на податоците согласно законските барања.
Дополнително придонесот на Дирекцијата за заштита на личните податоци треба да биде повидлив и достапен за сите засегнати страни. Од големо значење ќе биде и изработка и спроведување на проценка на влијанието врз заштитата на податоците (ПВЗП), како посебно актуелни прашања во ИКТ индустријата при развој или одржување и надградба на софтвер.