„Среќен сум, што преку јавноста и транспарентноста на процесот, конечно македонската јавност ја дозна вистината, задоволен сум што преку еден ваков јавен и транспарентен процес , преку одбраната, заедно со моите адвокати добив фер и законско право да ја изложам одбраната и секако да ја докажам мојата невиност, согласно тоа ќе ја почитувам секоја судска одлука каква и да биде донесена од страна на судечкиот судија“, изјави денеска премиерот Заев, по рочиштето за случајот Поткуп, каде беа презентирани завршните зборови.
„Промената на обвинението, односно преквалификацијата на самото обвинение, а согласно законот, со самото тоа и потврдата за незаконитоста на ПИ мерки, за снимање на просториите, за слушање на телефоните и слично, само по себе, уште еднаш по не знам кој пат докажуваат каква била злокобна, зла и незаконска намера, заради политички цели да се злоупотребат институциите на мојата земја, на мојата татковина Република Македонија, против мене, во тоа време како шеф на опозицијата, за да бидам спречен, или во најмала рака дискредитиран при објавување на процесот или проектот на “Вистината за Македонија” преку т.н. политички бомби. Очекувам пресуда во понеделник, закажано е рочиште од судот, односно повикани сме од судот во понеделник во 12.00 часот, да биде објавена пресудата за овој предмет“, изјави Заев.
На прашањето кој е неговиот коментар за преквалификацијата на делото во полесно, во помала затворска казна и останување на ставот дека сепак имало обид, односно дека се уште се бара да биде прогласен за виновен, Заев одговори дека тоа е најмалку што можело да го направи обвинителството, за да, колку толку ја сочува честа и достоинството на Јавното обвинителство.
„Ова е срам за Јавното обвинителство во тоа време што се случувало и како било злоупотребено. Веројатно не се повлекуваат од обвинението, тоа е нивно право, јас тоа го почитувам до самиот крај иако е јасно како бел ден, од проста причина, според мое убедување, единствено за да до крај не го потврдат и самите обвинители срамот врз државното Јавно обвинителство односно за Обвинителството за организиран криминал којшто го спроведувало ваквиот предмет. Но, секако, драго ми е што јавноста го следеше целиот процес , буквално, сè што се случуваше сè беше онлајн. Јас верувам дека ќе дочекам правда, треба да веруваат и граѓаните, дека ако се правични, ако не се виновни ќе ја дочекаат правдата. Во Македонија нема повеќе влијание врз правосудството, правосудството во Македонија работи исклучливо по свое убедување, согласно Устав и Закон, и тоа единствено така мора да остане“, истакна Заев.
Што се однесува до тоа дали очекува одговорност од обвинителите коишто го поведоа овој случај да одговараат пред Советот на Јавни Обвинители, Заев истакна дека има покренато кривични пријави против обвинителите коишто го организирале целиот овој процес.
„Сега е повеќе од јасно, сведокот го потврди тоа како го монтирале, како го терале, буквално недозволливо со целиот овој процес. Секако, полагам надеж кон моите бранители дека до крај ќе ги истуркаат процесите заради тоа што неказнивоста за било што во нашата земја значи и повтарање на глупостите или делата коишто во минатото се случувале. Јас ветив дека ќе се борам никогаш повеќе да не се повторат сите овие работи што се повторувале во Македонија. Не само против мене и врз мене, туку и за било кој друг граѓанин на Македонија, така што, верувам дека судските инстанци ќе ги процесуираат предметите за коишто гониме ние против тогашните обвинители“, истакна тој.
К. С.