„Донбас никогаш нема да биде руска територија“, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски во интервју за „ТВ Дом“, порачувајќи им на оние кои ја сакаат Русија и сакаат областa да стане дел од неа „да бараат место за себе во Русија“.
Ако некој денеска живее на територијата на привремено окупираниот Донбас и мисли дека „нашата работа е исправна, дека треба да бидеме заедно со Русија, ние сме Руси, мислам дека е голема грешка да остане и да живее во Донбас. Тоа никогаш нема да биде руска територија”, рече Зеленски.
Украинскиот претседател им порача на оние кои ја сакаат Русија, a целиот свој живот го поминаа во Украина дека треба „во името на нивните деца и внуци да отидат и да бараат место во Русија“, пренесуваат руските медиуми.
Тој тврди дека „без Украина, нема да има цивилизација на таа територија“.
Украина ќе се развива, ќе се гради, и во таков Донбас – окупиран и одделен, никогаш нема да има развој. Но, ако сметате дека Донбас е Украина, ако го почитувате тоа знаме, украинскиот јазик, ако сметате дека сте Украинци, тогаш останете таму, издржете, е пораката на Заленски. Во секој случај, таа територија ќе биде ослободена од окупацијата, истакна тој./ МИА












