Иако во политика се речиси невидливи или симболично претставени, жените во Македонија ја преземаат главната улога во борбата против криминалот и корупцијата. Ако во политичката елита, која од независноста до сега се докажа како корумпирана и криминализирана, на чело стојат мажи, против нив, во прв ред ќе стои „понежниот“ пол. По сѐ изгледа, жените се поодлучни во борбата против криминалот од „другата“ страна.
По тешката политичка криза и прифаќањето на новите препораки и задачи од Европската унија за реформирање на целиот систем во државата, на чело на новите независни тела за борба против корупцијата и криминалот седат жени кои, иако еден дел до сега биле непознати, стануваат сѐ попознати по нивната решителност за новата мисија. Сѐ почна со државниот ревизор, каде жените се докажаа како подобри.
Потоа, жените станаа главни ликови и во Специјалното јавно обвинителство кое се формираше во Пржинскиот процес, под покровителство на меѓународните пријатели на Македонија, како гарант за квалитетот и независноста на работењето на ова тело. Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Стефановска беа трите најистакнати обвинителки кои имаа храброст да се соочат со најмоќните политички играчи осомничени и за најтешки кривични тела поврзани со корупција и злоупотреба на власта.
Пред неколку дена, Собранието го изгласа и новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата кој се избра по законски измени извршени според препораки на Европските експерти предводени од Прибе. И ова многу важно тело, кое ќе биде столб на расчистување на системот од криминалот, ке се води од една жена. Претседателка на оваа комисија стана Билјана Ивановска, многу малку позната за јавноста, но со богата професионална биографија, со големо професионално искуство и без ниту еден сомнителен елемент во нејзината работа. Ивановска доби најмногу бодови во процената која ја направи комисијата за селекција составена од пратеници и од власта и од опозицијата, како и од претставници на независни тела, институции и невладиниот сектор. Освен големо искуство во борбата против корупцијата, Ивановска заслужи и високи оцени за јасната визија за работата на Комисијата. Од 2000 година работи во Државниот завод за ревизија, а од 2013 се преселува во ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, една многу важна позиција поврзана директно со спречување на злоупотребата на европските фондови.
Во нејзината професионална кариера Ивановска била успешна и во Министерството за финансии како началник на Одделението за буџетско сметководство, а била ангажирана и како стручна соработничка во повеќе собраниски комисии. Според тоа што се зборува во политичките и институционалните кулоари, Билјана Ивановска од ниту една партија не била оценета како „наша“ или „нивна“ што е одлична стартна позиција.
Арбен Зеќири