Талентираните крадат.
Неталентираните копираат.
Со 24 – ка си одам накај дома. Ми стига порака од еден пријател чие име нема да го споменам сега за да не предизвика лавина од реакции. Во пораката пишува:
Си забележал ли дека кога критикуваш јавно, на пример на напишан текст во некоја колумна или на некоја од социјалните мрежи и тоа е критички настроено кон некоја од политиките на новава влада, оние најгласните поддржувачи на претходната влада, што ги имаш за пријатели одма се впуштаат со коментари од типот: „Виде? Што очекувавте вие? Хунтава…“ Плус и те етикетираат како некој кој ја поддржува политичката партија која владее со државата, а ти јавно ги критикуваш политиките на истата за кои сметаш дека не се исправни, односно го искажуваш сопствениот став, што е сосем здраво и нормално за едно општество во кое треба да живеат здраворазумни луѓе. Е, точно тие, што на сите оние погубни политики на претходната влада кои ја однесоа државава во пропаст и кои не кажаа збор за владеењето на „нивната“ политичка опција денес се најгласни, демек, рационални биле. Е, тие ми се друже онака, нај – нај, ама баш нај – нај.
Автобусот стигна. Слегов. Го ставив телефонот во џеб и со брз чекор тргнав. Ладно ми е. Трчам да влезам во влез и брзо да стигнам дома на топло. Конечно влегувам во влез. Пред лифт сум. Тука е малку потопло. По кратко стигнува лифтот. И таман да влезам, соседите, кои живеат над мене, сопруг и сопруга со бебенце и бебешка количка влегуваат во влезот. Ја отворам врата од лифтот и им давам знак дека е во ред да влезат и да одат пред мене. Сепак со бебенце се.
„Ќе почекам да се симне лифтот, одете вие први. Без гајле.“ им велам.
Влегуваат. Тргнува лифтот. Грч ладно е. Во влезот влегува мојот сосед кој живее два ката под мене. Тој е многу интересен човек, барем вака од муабети низ влез. На 50 години е, има сопруга која има 33 години, а има и син кој има 26 години од вториот брак, кој пак има девојка која има 35 години.
Тој не знае дека јас ги знам овие работи за него, ниту пак јас знам дека тој можеби знае некои работи за мене. Стоиме двајцата пред лифтот. Знам уште и дека се занимава со продажба на базени во Израел и е многу успешен во тоа. Никогаш не дознав како се вика, но, она што го знам за него е дека тој секогаш се жали каде ќе стигне, а другиот сосед кој живее на еден кат под мене, а еден кат над него, во една прилика ми рече: „Овој брат пун е кеш, а кога и да го слушнеш, само се жали за нешто, само нешто не му е ко што треба“.
И на соседот, кој ги изнакажа сите овие работи, за овој што е спроти мене, не знам како му е името. Никогаш претходно со соседот со кој во овие моменти го чекам лифтот не сме зборувале, додуша не сме имале можност за нешто такво. Дури ни на куќен совет. Лифтот пристигнува. Влегуваме двајцата. Притискам на катот на кој јас треба да одам. Тој никаде не притиснува. Се возиме до мојот кат. Излегуваме од лифтот. И таман пред да влезам дома тој проговорува:
„Чекај малку“ ми рече.
Застанав. Побеснат е, во очите му се гледа, патем и тивко изговара.
„Животот е ненормален“ ми вели.
„Зошто мислиш така?“ го прашав низ насмевка.
„Што има да се види во животот, ќе ми кажеш. Можеш на ангро да видиш луѓе кои крадат, ама крадат онака без усул, истите, тие – лоповите трескаат тешки, ама тешки глупости кај ќе стигнат – јавно, и што е уште пострашно за истите тие глупости некои од нив добиваат награди и тоа од системот, да бидам појасен од државата. Прават копии, односно прекопираат дела, што значи дека се полуписмени и најиронично од се’ е дека се величани заради тоа што го прекопирале или, ај да не кажам, а ќе кажам – украле. Па, добро бе друже каде води сево ова? Можеш ли да ми кажеш. Побеснувам колку сум нервозен“.
„Не знам на што точно алудираш, односно на што конкретно мислиш?“
„На сè, буквално на сè. Секаде каде што треба да се постават луѓе со капацитет, кредибилитет и знаење се поставуваат луѓе кои немаат врска со ништо. Прво цицаат од партиската цицка, а после и од државната. Последни сме во сè. Секогаш и сме биле. Тоа е така затоа што на вистинските места се поставени тие најнеспособните, повторувам на глас, најнеспособните партиски полтрони. Знаеш колку луѓе има што знаат и се разбираат до темел во струките кои ги работат, а не се на никаква позиција во државава, односно државава не го користи тоа што тие го знаат. Знаеш ли? И сето тоа е на сметка на тие партиските вработувања. Е, па, извини бе друже, ама не може така. Ако сакаме да одиме напред, ако сакаме да одиме во Европска Унија и да бидеме дел од големото друштво, прво тоа треба да се смени. На вистинските места да бидат поставени вистинските луѓе. Не е ни името, ни презимето, ни црквата, ни џамијата, ни поделеноста на наши и нивни и ни не знам уште што веќе проблемот тука. Проблемот е што неспособен, полуписмен или тотално неписмен кадар е поставен на функции кои се од суштинско значење за сите нас кои живееме тука. И заради таа нивна неспособност страдаме сите. И да е перверзијата онака на највисоко ниво, некои од нив толку земаат сила кога ќе ги постават на позиција што гласно изговараат за одредени луѓе: ‘Дур сум јас на позиција, тој, бел ден нема да види’. Е, од ова патиме друже, од ова. Од вакви … ај да не кажам што. Сакам да верувам дека завршивме со тоа време, сакам да верувам дека веќе никогаш нема да ни се случи нешто слично на онаа претходна гарнитура која најнеспособните ги постави на позиции и таа нивна неспособност не’ донесе до овде. И, да, ако уште пишуваш во тој весникот те молам напиши го ова што сум ти го кажал сега. Ова бре брате не се издржува веќе“.
„Не работам во весник. Соработувам со една невладина организација која има свој интернет портал – ЦИВИЛМЕДИА“
„Без разлика, како и да се вика. Напиши го ова“.
Човекот слезе по скалите. И замина. Веројатно се качи со мене заедно до овде за да ми ја каже целата оваа мака која му ја тишти душата. А, да сме на јасно, и не само неговата душа. Дојдов дома и го напишав ова кратко четиво.
Но, она што е најважно од се’, повторно не дознав како му е името.