Categories

СТАВ „Ѕвездата“ бегалка и безначајното интервју

Ѕвездата бегалка повторно се јави и тоа во шестчасовно интервју, боже ме сачувај. Зошто мисли некој дека би сакале да потрошиме толку многу време слушајќи го тој кој ни одзеде 11 години од животот во негови беседи и лаги по сите можни медиуми?

Симона М. Живкова

Како и да е, сите го ѕирнавме, а некој од нас и со трошка надеж дека во тие шест часа можеби ќе изрази трошка каење или признание на било кој начин, барем за нешто, мало и безначајно… Ама не. Уште на почетокот на разговорот си кажа – јас сум истото бесчувствително… (не можам зборот да го најдам) и да можам, уште 11 години ќе ве работам на истиот начин и за ништо не се каам ниту пак се чувствувам виновен. Кога некој ќе те праша кои се вашите грешки во работењето, а ти 30 минути ќе му зборуваш за своите „достигнувања“ покажува само колку си останал во својот имагинарен свет, каде што само ти постоиш, само ти си битен.

Повторно беше премногу провиден и лесно ги фативме неговите обиди за трикови и лаги. Самиот призна какво едноумие постоело во неговото владеење, самиот кажа дека тој ги донесувал одлуките, а сите околу него само климале со главата, па сега после војна сакале да бидат генерали. Сигурно молчеле од убаво, не дека тој беше диктатор. И не дека нешто ново дознаваме, ама убаво е да се слушне уште еднаш, непосредно од него.

Колку време зборуваше за странските инвестиции, колку тој донел, како ги привлекувал, па и уште ќе доаѓале. Оние странски инвестиции во кои вработените немаа ни минимални работнички права со работен однос на определено време во недоглед, со смртни случаи и мизерни плати? Скраја да е.

Не се мешал во одлуките на раководството во партијата… Кажа и жив остана. Сакаше ли да каже дека се срами од трансовите во кои паѓаат Мицкоски и екипата? А јадници тие, што друго им преостанува да направат, по сѐ она што тој го направи и ги остави голи?

И како врв на иронијата, тој збори за иселување како проблем број 1 што го предизвикала оваа влада. Е, тоа најдобро е таму, на тие што го примија да им го раскажува, не нам чиишто блиски заминаа по светот како последица на неговото самоволие. За него нашите блиски што заминаа по светот се само бројка. Нему сѐ му е изразено во бројки, го знаеме тоа, та нели е „дил-ориентед“? И што побогу му значеше она „го претворија ненормалното во нормално“?!

Едно нешто добро научивме од него, а тоа е колку можеме да бидеме моќни ние, обичните граѓани. И како горчлива, но силна лекција ќе ни остане тоа и ќе го применуваме секогаш кога ќе има потреба. И не знам дали гледа, тоа веќе го правиме, а за разлика од онаа неговата, оваа влада не се труди да нѐ замолчи. Секако дека не ни тече мед и млеко и сѐ уште мака мачиме да се исправиме на нозе и да воспоставиме ново општество, да излеземе од провалијата во која нѐ турна неговата алчност и несовесност.

За крај, без посебно да се мачиме околу предолгото и безначајно интервју на овој бегалец од правдата, можеме само да констатираме: знаеме сите, а знае и самиот тој, тој не е никаква жртва на политички прогон. Нему, едноставно, му се случи граѓански прогон. И никому, никогаш не му посакуваме да му се случи нешто слично на тоа што нам ни се случи, да бидеме толку долго под окупација на ваков лик.

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email