Обвинителката Вилма Рускоска не знае како протекле информациите и самиот документ од исказот на Орце Камчев во Јавното обвинителство, а што се однесува до истрагата не смее да изнесува информации.
„Боки 13 ќе биде повикан кога ќе проценам дека треба. Сега не“, изјави таа по присуството на седницата на Советот на јавни обвинители каде се разгледуваа доказните материјали поврзани со Катица Јанева и случајот „Рекет“.
„Јас ги презентирав доказите што досега ги имаме, искази на сведоци, записник од кривична пријава, снимените разговори… На сите прашања што произлегоа одговорив. Тие останаа и сами да извршат увид во предметот“, изјави Рускоска.
Таа потврди дека Жарко Лукоски, екс-директорот на „Т-Мобиле“ бил повторно на сведочење во својство на сведок и дека самиот побарал да дојде уште еднаш и да даде дополнителни информации.
„Не можам да ви дадам детали од сослушувањето на Орце Камчев, но беше повикан да даде дополнителни сознанија“, рече Рускоска.
На новинарско прашање дали има вистина во сè што се зборуваше во јавноста за тоа што содржи втората страница од исказот на Камчев меѓудругото и имиња на политичари инволвирани во случајот, Рускоска рече дека апсолутно станува збор за дезинформација од одредени медиуми.
„Заев е спомнат само во делот каде што кажува Јордан Камчев дека пријавил кај него. Ниту еден друг политичар не е спомнат“, рече обвинителката.
Рускоска не одговори до каде е финансиската истрага, освен дека уште се работи во тој дел.
Б. Ј.












