Загрижени од неодамнешните масовни убиства и трагични инциденти со огнено оружје низ земјата, Одборот на надзорници на Сан Франциско едногласно одобри резолуција во која Националната асоцијација за оружје ја прогласија за домашна терористичка организација, објавува Њујорк Тајмс.
Резолуцијата ја предложи Кетрин Стефани на 30 јули, два дена по масовното убиство што се случи на еден фестивал во Гилрој, Калифорнија, каде три лица беа убиени и повеќе од дестмина беа повредени.
Пред да биде ставена резолуцијата на гласање во вторникот, Стефани зборуваше за „колежот низ земјата“, истовремено истакнувајќи ги масовните убиства минатиот месец во Ел Пасо, Дејтон, Охајо, како и во близина на Одеса, Тексас.
Стефани истакна дека Националната асоцијација за оружје заговара да го ограничи истражувањето за оружено насилство, да го ограничи споделувањето податоци за оружено насилство и да ја блокира секоја разумна процедура во законодавството со која би се спречило оруженото насилство, предложено на локално, државно и федерално ниво.
„Националната асоцијација за оружје постои за ширење пропаганда про-оружје и за да го стави оружјето во рацете на оние кои би ни наштетиле и би нѐ тероризирале“ – изјави Стефани – „Никој нема сторено повеќе за разгорување на оруженото насилство отколку Националната асоцијација за оружје!“.
Иако резолуција нема никаков практичен ефект, Стефани во едно интервју истакна: „Цврсто верувам дека зборовите всушност се битни и сметам дека ова претставува чекор напред во борбата против негативното влијание на Националната асоцијата за оружје“.
Превод: Наташа Цветковска