пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Би сакал да ви раскажам една приказна за еден уредник на медиуми, кој наместо на интересот на јавноста, им служи на интересите на разни криминалци, бизнисмени и политичари.
Приказна за еден уредник, кој ги нуди своите „пи-ар“ услуги без оглед на тоа кој е „клиент“ и кои се неговите побуди и цели, и каков општествен ефект ќе има „испораката на услугите“.
Приказна за уредник што ги нуди својот молк, фалба, плукање, пукање во јавноста, во зависност од потребите на „клиентот“, однесувајќи се како вработен (или газда) во рекламна агенција, а не како новинар.
Приказна, во која еден уредник бара од политичари, од функционери, од бизнисмени разни услуги, најчесто за себе, но и за свои блиски. Услуги кои не ретко значат и прекршување на правила, процедури, закони. Ако потенцијалните „клиенти“ испорачаат, ги фали. Ако не, ги „спружува“.
Приказна за уредник што својот медиум го користи како средство за рекетирање, на политичари, функционери, судии, обвинители, меѓународни и домашни донатори, бизнисмени. Ако не станат „клиенти“ – следи јавен скандал. А молчи за грешките или дури и ги фали – оние што платиле, на овој или оној начин.
Приказна за еден уредник, што ги исмејува еснафските организации, кој секојдневно ја гази етиката, поттикнува плукања меѓу колеги, а потоа самиот се претставува како жртва на измислени хајки од политичари, газди и негови колеги и се жали на етичките новинарски тела чија работа не ја поддржува.
Приказна за еден уредник, кој одамна не се бави со факти, истражување, аргументи, со конкретни имиња и презимиња оти така за неговите лаги би се соочил со тужби за клевета, туку со раскажување нарачани басни за дискредитирање на луѓе кои не му се по ќејф нему и на неговите „клиенти“.
Би сакал да ви раскажам приказна за еден уредник… но се плашам дека не е само еден.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.