Наставата, испрашувањето и оценувањето во основните школи, средните училишта и на факултетите се одвива електронски откако трае вонредната состојба во земјава и се затворија истите, поради пандемијата со КОВИД-19.
Средствата кои беа предвидени да се користат се видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за двонасочна електронска размена на податоци.
Откако се воведе ова во практика, сепак имаше многу граѓани кои беа скептични за овој начин на онлајн настава, за тоа колку ќе биде успешна, колку ќе можат да научат учениците и дали ќе биде злоупотребена.
Многу родители на социјалните мрежи се пожалија за начинот на кој функционира онлајн наставата и за тоа како предаваат одредени наставници или професори.
Родителите на учениците велат дека дел од наставниците воопшто не одржуваат онлајн настава, туку дека само им испраќаат домашни задачи на учениците, без да им ја предадат содржината, а други велат дека платформата која се користи – google classroom е веќе неупотреблива, бидејќи е преоптоварена.
Покрај тоа, дел од родителите велат дека на ученици од 8 и 9 годинишна возраст им се бара да изработат power point презентации на одредена тема, а тие никогаш не го работеле програмот.
„Во едно училиште во Аеродром редовниот предмет „работа со компјутери“ или т.н. информатика, најчесто им се заменува со часови по математика затоа што нема доволно компјутери за да се одржи наставата (ова додека одеа на училиште). А сега од нив се бара работа на компјутер“, вели еден родител.
Според нив, домашните задачи кои им се задаваат на учениците се за родителите, а не за учениците и дека ги оценуваат произволно без никакво објаснување.
На почетокот на месецот министерот зборуваше дека не примиле информација дека во некое училиште не се организира онлајн настава и се размислува да доделат ваучери за интернет за да се обезбеди бесплатен интернет за децата од социјален ризик.
Но, сепак родителите велат дека значителен е бројот на семејства кои немаат компјутери или пак имаат само еден, а на истиот треба да работат две, три или повеќе деца во стриктно зададени рокови, а за тоа наставниците не покажувале разбирање.
„Дел од компјутерите кои се поделија во социјално ранливите семејства се оние што Груевски и компанија ги набавуваа со преоктот “компјутер за секое дете” и се комплетно неупотребливи“, коментира еден родител.
Како друг проблем посочуваат на тоа дека наставниците се жалат дека се под притисок од Министерството за образование и наука, а дека учениците и родителите пак се под притисок на наставниците и професорите.
Министерот за образование Арбер Адеми во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека онлајн образованието ќе биде системско решение и дека има механизми за контрола на училиштата.
„Телеком“ потпиша договор со Министерството за информатичко општество и администација за донација на 18 илјади картички за мобилен интернет, кои треба да овозможат околу 30 илјади семејства да имаат пристап до интернет за децата од основните и средните училишта, за да ја следат онлајн наставата.
Но, родителите велат дека и покрај тоа што задолжителното образование е бесплатно, сметките за интернет кои им стигнуваат растат.
Имајќи предвид дека образованието во земјата со децении наназад системски се уништуваше, а Министерството за образование и наука стана и остана предмет на коалициони договори и пазарења, останува прашањето, дали во краток рок ќе можат да се средат недостатоците со онлајн наставата и дали учениците ќе го добијат потребното знаење.
А. Петровска












