Лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски и по втор пат заврши без договор за датум за изборите. Главна пречка за непостигнувањето договор се различните ставови на најголемите македонски политички партии.
Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев причина за непостигнување договор за консензус е неодговорноста, незрелоста и мислењето само на партиската фотелја на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Наместо да се стават интересите на граѓаните и државата на прво место, за Мицкоски се партиските калкулации и стравот од изборите. Не сум видел досега ваков политичар со ваков страв од сопствените граѓани.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одолговлекува здравствената и економската криза и да креираат нова, политичка криза. Тоа ние нема да го дозволиме.
Имаме одговорност пред граѓаните и државата, на граѓаните им требаат целосно функционални институции со нов мандат да им служат и да се подготват за новиот бран од корона кризата на есен. Предупредување за овој нов бран веќе издаде и СЗО и треба подготвени да го пречекаме на граѓаните им треба враќање на новата нормалност, трансформација на македонската економија и заштита на здравјето на соодветен начин. Коронавирусот е веќе наше секојдневие, се додека нема вакцина.
Одговорност е на политичките партии е да направат сè, колку што може побрзо да им ја обезбедат таа нова нормалност на граѓаните. Во нови услови согласно препораките и протоколите за заштита сметаме дека можеме да организираме избори. Техничката влада чија првенствена улога е да организира избори паралелно со мерките за заштита на граѓаните, треба да рестартира и предизборните процеси за организирање слободни, фер и демократски избори со целосна заштита на здравјето на граѓаните. Очекувам да се подготват сите процеси на институциите задолжени за изборите пред се на ДИК.
На денешниот состанок Мицкоски не кажува како ќе се свика Парламентот и не може да каже, нема начин како. На овој состанок Мицкоски ниту спомна нешто за напуштање на Владата затоа што нема избори, а притоа техничката влада е формирана за избори, ниту ова не го спомнува. Повторно се бараат некои извештаи на комисии, да се купува време итн. па дури и се бара да се каже дека комисијата може да гарантира дека крајот на август или почеток на септември ќе има 0 починати или 3-4 заразени, тоа не може никој да го гарантира.
Затоа според нас ова е само купување на време, заради неспремност и страв да се излезе на избори. Изборите се утврдени и во моментов согласно вонредната состојба којашто завршува на 30ти мај, изборите се на 21 јуни.
Член 43, став 2 од Изборниот законик којшто се донесе на денот на распуштањето на Парламентот, усогласен заедно и власт и опозиција, сите. Во членот 43, став 6-вели: МВР во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кои основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид, и МВР исто така во рок од еден ден доставува листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачки список по службена должност. Напомнувам, сите граѓани имаат патна исправа само оние кои не посакале да извадат патна исправа, немаат, значи и деца и бебиња имаат патни исправи. Сите граѓани над 15 – 16 години имаат и лични карти, тие можат да ја извадат затоа што можат после 16 години согласно законите на РСМ да работат и тоа е дозволено. Има и време до денот на изборите сите граѓани да извадат лични документи. Напомнувам, член 43, став 6 заедно усогласен во изборниот законик, вели: МВР во рок од еден ден е должен да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачки список по службена должност.
Истовремено, намерата да учествуваме на изборите јасно е декларирана од сите нас како учесници во кампањата. Навремено сите имаме поднесено кандидатски листи, сите, вкупно 14 кандидатски листи. Листите се одобрени и прифатени од ДИК и ждрепката е веќе завршена. Изборите се утврдени и закажани, прашањето е дали се има желба да се учествува на изборите или не. 2008 година, тогашната власт носи одлука за распуштање на Парламент и оди на Предвремени Парламентарни избори, 2011 година без да не праша носи одлука за распуштање на Парламент и оди на Предвремени Парламентарни избори, 2014 година тогашната власт носи одлука за распуштање на Парламент и оди на избори. Еве не 2020 година ние донесовме заедничка одлука прво кога да бидат изборите, дека ќе бидат на 12 април и отидовме во Парламент и го распуштивме истиот. Бегање од избори, нема.
На македонските граѓани им треба Собрание, функционално и политичка влада со полн и нов легитимитет од граѓаните и ние имаме обврска да го обезбедиме. Интересот на граѓаните и државата е на прво место и ние нема да дозволиме никој па ни Мицкоски да го загрозува нивното здравје, да ја загрозува нивната економија и загрозување на демократијата. Џабе е бегањето од избори на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Бегање нема, избори ќе има и тие ќе изгубат на изборите“, изјави Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната лидерска средба во вила Водно предложил три термини за одржување на предвремените парламентарни избори: 23 и 30 август, како и 13 септември.Мицкоски изрази надеж дека нема да има, како што нагласи, едностран акт на насилство од неколку партии во однос на одредувањето датум за избори. Очекува постигнување консензус со што ќе се потврди дека на партиите им се најбитни граѓаните, а не политичкиот интерес.„Да ја напуштиме политичката логика и да се повикаме на логиката на граѓаните, на државноста и да го следиме развојот на панедмијата“, порача Мицкоски.Тој се пожали на извештајот од Комисијата за заразни болести која, рече, доставила многу бледо, некомплетно и нецелисходно соопштение во кое се наведени веќе постоечките заштитни мерки и препораки, а во неа има и член кој е кандидат на СДСМ за пратеник.Мицкоски нагласи и дека на лидерската средба претседателот на СДСМ, Зоран Заев поставил ултиматум, а тоа е нешто под кое ВМРО-ДПМНЕ, напомена, не работи, ниту носи одлуки. Од трите предлози, потенцира Мицкоски, остануваат оние кога здравјето на граѓаните ќе биде најмалку во опасност.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по лидерската средба истакна дека одговорот на ОБСЕ/ОДИХР е дека тие се спремни да одговорат на нашето барање, но треба да се определи датумот и да се почитуват протоколите за граници и здравствените протоколи.
„Затоа, нашиот предлог не беше за лични каприци, за избори на 26 јули ценевме дека ќе дадеме време да имаме помалку заразени и повеќе сигурност за граѓаните. Меѓународната набљудувачка мисија ќе ги отвори границите до тогаш за да дојдат да набљудуват. Истовремено, ДИК ќе има можност да ги отвори списоците и да имаат право да гласаат и оние кои наполниле 18 години“, рече Села.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по лидерската средба што се одржа денеска кај Претседателот Пендаровски, потенцира дека многу е важно да има концензус за датумот за одржување на изборите, имајќи го предвид здравјето на граѓаните.
„Имаше дебата од сите политички партии и сите сме загрижени од ситуацијата. За сите нас здравјето на граѓаните е пред се. За ситуацијата треба да бидеме во комуникација со здравствените инситуции и да имаме консезус за датумот за одржување на изборите, имајќи го предвид здравјето на граѓаните. Многу е важно сите да сме одговорни и согласни за постигнувањето на нашите цели. Свесни сме дека сме без Собрание и со техничка влада. Многу е важно да не се политизира оваа ситуација за политички цели“, изјави Ахмети.
На прашањето за тоа дека во оваа ситуација сме поради тоа што неговиот сопартиец Талат Џафери одби повторно да го свика Собранието, Ахмети одговори дека претседателот на Собранието го почитува Уставот.
Од ДПА сметаат дека избори треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба, со почитување на препораките.„Нашето мислење како ДПА е дека избори треба да има, но во зависност од развојот на коронавирусот. По завршување на вонредна состојба и 22 дена потоа, наш став е дека може да има избори почитувајќи ги препораките од здравствените институции. Претседателот не може да ја тргне вонредната состојба ако не се почитуваат мерките и ако нема образложение од институциите“, рече Азем Садику од ДПА, по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Лидерот на БЕСА, Биљал Касами по лидерската средба изјави дека додека нема договор, ќе важат роковите од владината одлука и ќе зависи од евентуалната одлука за продолжување или не на вонредната состојба. „Ако не продолжи вонредната состојба, ќе продолжиме според владината уредба за изборите“, рече Касами.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши по лидерската средба нагласи дека едните инсистираа да се одржат изборите на крајот на јуни, а другите на почетокот на септември, а нивен предлог е средина на јуни.
Засега нема најава за трета лидерска средба.
Д. Муратов