Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети денеска во 14 часот заедно со генералните секретари на партиите, Љупчо Николовски и Артан Груби, ќе одржат средба во Клубот на пратениците. На средбата се очекува конечен договор за формирање владина коалиција.
Како што соопштија вчера СДСМ и ДУИ, постигнат е сериозен договор меѓу двете партии во преговорите за формирање влада.
За време на викендот и вчера продолжиле интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна стабилна влада.
„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада. Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години“, стои во соопштението на СДСМ.
СДСМ и ДУИ ги почнаа преговорите веднаш по конститутивната седница на Парламентот на 4 август, се одржаа неколку средби меѓу Заев и Ахмети. Консултации двете партии имаа и во четвртокот минатата недела, откако претходно истиот ден, шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Тричасовна средба на Заев со Ахмети тогаш, во заедничко соопштение, беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.
По договорот за нова влада се очекува претседавачот на Собранието Талат Џафери да закаже продолжение на конститутивната седница и да биде избран претседател на законодавниот дом, кој, пак, во законски утврдениот рок ќе треба да свика нова седница за избор на новиот владин кабинет.