Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, информираше дека е обновен споменикот на загинатите бугарски туристи, кој вчера беше вандализиран.
„По налог на Општина Охрид, службите на ЈП „Градски гробишта“ поставија нова плоча со натпис на споменикот „Солза на Роза“. Ова спомен обележје продолжува да биде симбол на сочувството и почитта за 15-те бугарски туристи кои трагично загинаа во несреќата на бродот „Илинден“, на 5-ти септември 2009 година“, информираше Георгиевски.
Градоначалникот на Охрид вчера упати јавна осуда до несовесните граѓани кои во текот на претходните денови извршиле оштетување на споменикот „Солза на Роза“, кој бил поставен годинава по повод одбележувањето на единаесет годишнината од несреќата на бродот „Илинден“.
Овој чин го осуди вчера и Министерството за надворешни работи од каде информираа дека се информирани надлежните служби и дека во најбрзо време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци.
„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалскиот акт на скрнавење на споменикот во Охрид за жртвите на трагичната несреќа со бродот “Илинден”, во која настрадаа бугарски туристи, на 05 септември 2009 година. Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија“, стои во нивното соопштение.