Шумски пожари беснеат низ светот, а и во регионот. Во гаснење на пожарите кои горат веќе шест дена во турската провинција Мугла, помага првиот турски брод за итни случаи „Нене Хатун“. Огнената стихија е надвор од контрола и во Грција, забележани се пожари и во Албанија, гори и на Сицилија и Калабрија.
“Од вкупно 208 шумски пожари во 44 градови во Турција, 196 се ставени под контрола”, изјави вчера турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Шумските пожари се активни во уште пет градови: Анталија, Мугла, Испарта, Ајдин и Денизли и продолжуваат активности за нивно ставање под контрола. Две населби во провинцијата Ајдин во Турција се евакуирани како мерка поради пожарот, пренесува Анадолија.
Во гаснење на шумските пожари кои шест дена бесенеат во турската провинција Мугла, помага првиот турски брод за итни случаи „Нене Хатун“. Брод долг 88 метри и широк 18 метри, обезбедува помош во итни ситуации веќе шест години. Бродот има болница за 20 пациенти, а на него работат повеќе од 40 членови на екипажот во смени.
Инаку, овој брод, покрај гаснењето пожари, има и бројни улоги на отворено море, како спасување жртви од бродоломи, нуркачки спасувачки мисии, детектирање на загадување на морето. На него има и хелиодром, а направен е да ги издржи сите временски услови.
Огнената стихија е надвор од контрола и во Грција. Во изминатите 24 часа, дури 86 нови шумски пожари горат на подрачјето на Грција, објавија грчките пожарникари.
“Најмалку 18 лица се повредени и хоспитализирани. Повеќето од нив имаат проблеми со дишењето”, изјави грчкиот министер за здравство Василис Кикиљас.
Северно од Атина, пламенот може да се види оддалеку и му се заканува на градот Варибоби, кој по вторпат е евакуиран по големиот пожар пред четири дена. Неколку магацини и индустриски погони долж автопатот што ги поврзува Атина и Солун, вчера се запалија, што резултираше со бројни експлозии.
Во истиот регион, во меѓувреме, избувнаа уште три големи пожари. Тие се протегаат со километри и претставуваат опасност за некои предградија на Атина, објави синоќа државната телевизија, прикажувајќи снимки од долги колони автомобили кои ги напуштаат грчките градови. И покрај силните ветрови, пожарникарски авиони, канадери и хеликоптери, безуспешно се обидуваа да го стават пожарот во Грција под контрола.
Тешка е ситуацијата и на вториот по големина грчки остров Евија, кој е обраснат со густа шума, а исчезна под густ облак чад од безброј помали и поголеми пожари. Тука, со бродови, се евакуирани стотици луѓе поради пожарот кој се приближил до крајбрежните подрачја.
Нема знаци за подобрување ниту на Пелопонез. Спасувачките екипи вчера беа принудени да ги евакуираат жителите на неколку други села, вклучувајќи го и популарното туристичко место Гитејон, живописен пристаништен град во близина на Спарта.
Пожарникари и спасувачки екипи продолжуваат да се борат против пожарите кои ги зафатија и земјите на Балканот. Покрај најлошите во Грција и Турција, пожари зафатија и делови од Албанија.
Во Италија, пак, изминатите 12 часа пожарникарите интервенирале на 395 опожарени места, главно на Сицилија и Калабрија. Осум противпожарни авиони се борат со пожарите во провинциите Реџо Калабрија, Козенца и Матера.
Италијанските противпожарни екипи продолжуваат да се борат против огнената стихија во јужниот дел од земјата, каде што метеоролозите предвидуваат екстремно високи температури во наредните денови. Се очекува и силно невреме во северниот дел на Италија.
Се чини дека јужниот дел на Италија нема да биде поштеден од екстремно високите температури ниту во наредните денови. Метеоролозите предвидуваат дека утре, температурата ќе достигне до 40 степени Целзиусови, а потоа ќе се зголеми и до 45 степени.
Италијанскиот министер за животна средина, Роберто Чинголани, изјави дека повеќе од 57 проценти од пожарите во Италија се подметнати, а 14 проценти се последица на невнимание, како што е фрлање догорчиња од цигари или палење оган во природа.
Во текот на викендов се очекуваат грмежи во северниот дел на земјата. Неодамна, северниот дел на Италија, како на пример живописните места на езерото Комо и во Јужен Тирол, беше погоден од големи поплави.










