ВОЈО МАНЕВСКИ
Не сум сигурен зошто некои состојби се случуваат, ама знам дека јас вечно имам проблеми со зборовите и нивното значење. Посебно кога сакам некоја наша политичка или економска состојба да ја опишам. Веројатно ќе морам да поработам на познавањето на мојот мајчин јазик на кој се обидувам да пишувам. Токму сега кога е признат и меѓународно верификуван ќе мора да поработам на познавањето на што е можно поголем фонд на зборови од него.
А што се обидов да опишам? Состојбата во која се најде парламентот на мојава држава со последната промена на владиното мнозинство. Хрватскиот јазик има еден термин – „преслагање“, ама кај нас тој не нѝ врши работа, бидејќи партиските односи ги надминуваат законите на лексиката. Вртејќи така по речниците тргнав од воените команди кои ми се познати. Некако и однесувањето на партиите ми изгледа како да се по команда. Засвири трубата за ручек и сите војници се постројат во своите единици во два реда. Секој си го знае своето место, ама не го знае распоредот за ручек. Стигнува команда, мирно, разброј се и главите се вртат во десно. Мирно во колона по еден, напред марш! Секоја единица по команда си тргнува на ручек. Се разбира распоредот го прави оној што ги издава командите. Како во парламентот наш секој си го зафаќа своето место и чека да добие ручек. Оние што се последни (опозицијата), последни и добиваат ручек и многу често она што ќе остане од понудата на менито за тој ден. И така доаѓа до постројување, пребројување и добивање ручек, сѐ според командите на командантот кој никогаш не го гледаш на ручек со војската.
Споредбите и местата на разните партии во нашиот политички систем ви даваат можност за безброј асоцијации со објаснувањето што ви го пружив. Па, ако имате и богата имагинација еее, сите комбинации ви се дозволени.
Се надевам дека моите есеистички асоцијации се доволно јасни за да можам да ја продолжам колумнава. Партиите се усогласија според своите интереси и ние ќе добиеме нова Влада. Ако остане само на статистичка операција дека на дотичниот датум сме избрале нова Влада, тешко дека некаква корист од неа ќе имаме. Можеби е додадена вредност само сознанието дека во оваа година нема да имаме избори и сѐ што тие носат со себе. Значи, тоа време дотогаш треба да го искористиме барем нешто да помрднеме во системот на сивото секојдневие. Новата Влада не смее да остане на истите постулати како оваа досега што причината на своето постоење ја објаснуваше со нужноста од преживување во состојба на енергетска и економска криза. Вистинско време е за предлагање на нови решенија за многу од прашањата кои ни претстојат. Опозицијата се закопа во необјаснива положба за нејзиното учество во уставните измени и ќе и треба многу еквилибристика да излезе од состојбата во која самата се постави, барајќи патишта како да дојде до власт. Тоа што го бара како оправдување за своето учество во уставните измени, ниту има некој што може да го пружи, ниту такво нешто постои. Да добие таква потврда од некоја европска институција или голема европска држава е исто како да добила седумка на лото. Изборите после тоа се беспредметни во врска со исходот од нив. Веројатноста е еднаква на ситуацијата кога некому му се падне сеумка на лото, а пополнил само една колона на ливчето. Ако гласа за уставните избори, под сегашните услови, резултатите од изборите се веќе извесни, ќе ги изгуби. Ако не гласа и остане на својот сегашен став притисоците ќе се зголемат до состојба кога ќе биде обвинета за застој во евроинтеграциите на Македонија плус и за можна дестабилизација на државата. Значи работата е врвка што би рекле моите штипјани. Не сум сигурен дека кога ќе засвири трубата и ќе стигне командата за избори (ручек) ќе има место во колоната која гарантира добар ручек и многу е веројатно дека ќе почека во последната колона, кога за ручек остануваат последните оброци каде најчесто е кисела зелка и ладно пире со пилешки копани. Нека му ја мислат тие што политиката на опозицијата ја водат и доведуваат до вакви дилеми и можни исходи.
Владата ќе мора да понуди нешто повеќе од надежта дека ќе ја преживееме зимата без рестрикции и со доволно леб во продавниците. Таквите задачи се за кризни влади, ама мораме да се надеваме дека и во криза треба да се понудат перспективни решенија. Досегашната пракса на крпи – закрпи веќе нема да може да се спроведува. Последната обврзница е добар показател дека нема голем простор за задолжување кое ќе може да се употреби како основа за домашни капитални вложувања. Сите вакви задолжувања ќе се малку над нивото на отплатата на доспеаните долгови кон доверителите. Ако се продолжи со праксата на домашно задолжување, тогаш ќе стигнеме до моментот кога домашните банки ќе се сопственици на државата и секоја влада повеќе или помалку ќе биде стечаен совет со листа на побараувања на домашните банки. Избори и парламент, влада и институции на системот ќе бидат во суштина банковни шалтери за плаќање на ануитетите од обврзниците и кредитите.
Она што во претхдната колумна го порачав како повик кон интелегенцијата во државата наиде на очекуван одговор. Молчењето изгледа како спас од одговорноста за сопствениот став или учество во општествените процеси. Дефинитивно се покажуваме како општество кое нема смисол за дебата и дијалог од кој ќе произлезат прифатливи решенија за иднината на државата. Источњачкото разбирање на државата како деспотија во која еден е господар, а другите се извршители на налозите или се потајни критизери без храброст за превземање на одговорност за водење на процесите се потврдува секојдневно. Стравот од вистината изгледа е премногу силен за психолошката состојба на новите елити. Вистината дека дипломите се сведени на возачки дозволи, а најдобра компетентност е близината до партискиот шеф изгледа има силина еднаква на недостатокот од лична храброст и интегритет.
А кризите се како нишалка која се движи според јачината на првата вложена сила, постепено намалувана од силата на отпорот. Во еден момент кога едвај се движи нишалото, треба да му се даде нова сила која ќе ја победи силата на отпорот на земјината тежа. Треба да се предложат квалитетни мерки и модели за брзи реформи како почеток на сеопфатна реконструкција на државниот систем и вредносните категории во општеството. Време е да сфатиме дека газдинската економија која е производ на транзицијата и е резултат на распределбата, а не на продукцијата, ја заврши својата историска улога. Нема голема и успешна компанија со газда кој е сопственик во целост на компанијата. Успешните економии се корпорации кои го привлекуваат секој денар од граѓаните, ставајќи го во функција на зголемување на општествениот продукт. Граѓаните мора своите расположиви средства да ги вложуваат во капиталот на компаниите преку акции купени на берза, место да купуваат станови во држава во која перманентно се намалува бројот на граѓаните. Три стана во Скопје и два во Штип сега им се чинат добра инвестиција која ако не им донесе кирија барам ќе им ја сочува заштедата обезвредувана со малите камати на депозитите во банките и инфлацијата. Економските закони велат дека таквата побарувачка има лимит до можноста на враќање на кредитите, заедно со можноста за рентање на становите каде кириите ќе помогнат во отплатата. Кога неминовно ќе се намали можноста за рентање и се намалува бројот на жители како потенцијал за можни закупувачи, тежината на ратите ќе биде само врз финансиската моќ на рентиерот. Ако се изјалови брзото враќање на младите кои заминаа и сега помагаат во купувањето на становите, ќе се случи и брз пад на цените и голем број на станови, а тие ќе станат само места во кои ретко ќе се палат светилките. За оние што не и веруваат на мојата анализа нека го прочитаат поранешниот португалски премиер Менеш кој пишува за стотиците илјади празни станови во Португалија.
Оваа Влада нема време за објаснување дека е само за справување со кризата. Мора да понуди сосема нова филозофија на водењето на макроекономијата на државата. Нов закон за банките треба да се подготви и да не се плаши од реакциите на големите банки, кои место финансиски институции станаа банкарска индустрија која има веќе безобразно големи добивки. Место да бара од нив помош во купување на обврзници нека излезе со гарантирани државни обврзаници, кои ќе ги продава на граѓаните со гарантирана исплата за шест месеци, година или две. Фискалната и монетарната политика нека ја подеси за собирање на расположливиот капитал, кој го поседуваат граѓаните и негово активирање во економските текови. Обврзниците за граѓаните нека носат поголема камата од онаа што ја исплаќаат банките така ќе се дојде до највредниот капитал, а тоа е слободниот финансиски капитал сега чуван од граѓаните во перници или вложуван во непродуктивни недвижности, кои сѐ повеќе личат на шпекулативен бизнис на новокомпонираните бизнисмени и сомнителни финансиски капитали.
Инвестиции не смеат да се сведат само на странските инвеститори за кои сѐ уште немаме направено калкулации за нивната крајна исплатливост. Сега невработеноста не е притисок врз политичарите зошто иселувањето ги ослободи од него. Она што сега се води како невработена работна сила е и тешко вработливо поради староста или ниската стручност. Креирањето на работни места кои се подобро платени треба да е услов за странските инвеститори кои и онака ги помагаме со нашите скромни буџети. Во светот сѐ повеќе се прават анализи за исплатливоста на ваквите инвестиции за земјата домаќин, а сѐ повеќе се нарекуваат современа колонизација и системска експлоатација на сиромашните држави и народи.
Средства за капитални инвестиции треба да се бараат во внатрешните преструктуирања и намалување на корупцијата и сивата економија, зошто задолжувањето ќе биде сѐ поскапо и сѐ понедостапно. Намалувањето на државниот апарат е задача со чие решавање доцниме веќе деценија. Намалувањето на беспотребните административци ќе ослободи буџетски средства кои можат да се употребат во зголемување на нејзината ефикасност, а со тоа и подобрување на атмосферата за водење бизнис и пристојно функционирање на системот. Или ќе се освестиме дека вака ја трошиме иднината на нашите деца кои не напуштаат или по инерција ќе продолжиме кон времињата кога Македонија нема да е пензионерска држава, туку геронтолошки центар. Ова време што претстои до следните парламентарни избори мора да биде потрошено на дебата за демократија, функционален политички систем, одржлива макро економија и спред оценките за понудените решенија да го правиме изборот на пратеници и влада. Ако и тоа време го пропуштиме се поставува прашањето дали има потреба да одиме на избори кога нема меѓу што да избираме и што да избереме.
Војничките кујни имаат специфичен мирис на некаков конзерванс што го носат продуктите кои се често од војните резерви. Среќата да си во првите водови кои одат на ручек значи можност за избор на повеќе јадења. Менито скоро секогаш е слично, ама можоста да се избере војничко гравче е привилегија. Поминуваш по лентата каде се исложени јадењата и забележуваш како скоро секој војник зема порција гравче, салата зелка и неколку парчиња леб. Како колоната одминува понудата се намалува и сѐ помалку има гравче, а сѐ повеќе зелка или грашок и пире. Последната колона добива само кисела зелка со месо и салата од цвекло, а бројот на парчиња леб што војниците со ваквиот оброк го земаат се зголемува. Исто како и во парламенарниот живот. Три оброка за позицијата, а за опозицијата кисела зелка и цвекло салата.
Ако не ви се допаѓаат моите асоцијации замислите си свои само запаметете дека во собранискиот ресторан нема војничко гравче и кисела зелка. Таму никој гладен не останува.












