Моето чувство е дека жените многу повќе се охрабруваат и многу повеќе зборуваат за родово базираното насилство. Не сум сигурна дека тоа го прават јавно, но со луѓето од нивната околина секако дека чувствувам дека се повеќе и повеќе се разговара на овие теми, особено кога се работи за младите луѓе, вели психологот Сања Стефановиќ, која е дел од кампањата “Сложувалка” која во рамките на 16 денови активизам за борба против насилството врз жената ја спроведува Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во Северна Македонија со поддршка од Британската амбасада.
-Јас навистина им честитам на сите оние жени кои се доволно храбри за да излегуваат јавно да зборуваат за она што им се случило или им се случува во моментот и си бараат помош и подршка за да си ги решат проблемите во кои што се наоѓаат – вели Стефановиќ.
Причината зошто жените се уште се плашат да пријават насилство, според неа е мултифакторна и дека секоја една жена си има свои причини поради кои што едноставно не истапува. Затоа смета Стефановиќ, треба да се зборува поотворено и за дополнителната виктимизација односно ревиктимизација на жртвата. Таа го потенцира како проблем и сензационалистичкото известување во медиумите кои во трката да добијат повеќе кликови, забораваат да и укажат на жртвата дека ја почитуваат и дека се емпатични кон тоа што и се случува, па и да и остават доволно простор да ја охрабрат да се избори со проблематиката.
– Кога не гледаш дека некој ти подава рака, не ја пружаш ни својата на некој начин. Многу од жртвите не знаат каде да се обратат. Имаше една кампања во соседна Србија каде што на влошките беше оставен телефонскиот број на линијата за подршка каде што можеа веднаш да се јават додека се затворени во тоалетот во некоја минимална безбедна средина за нив. Тоа нешто не се случува кај нас –вели Стефановиќ.