Европратениците во вторник на 11 февруари ќе разговараат за ситуацијата во Србија, а на нив ќе се обратат претставници на Европската комисија и Полска, како претседател на Советот на ЕУ. Усвојување на резолуцијата не е планирано,пренесоа српските медиуми.
Европратениците ќе го оценуваат развојот на настаните во Србија, каде што уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад и смртта на 15 лица предизвикаа бран антикорупциски и студентски протести против владата. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците барајќи одговорност од владата и протестирајќи против корупцијата.
Како резултат на тоа, српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка, но тоа не ги смири тензиите. Овој случај стана симбол на пошироко незадоволство од состојбата на владеењето на правото во Србија и претставува најсериозен предизвик во последните неколку години за претседателот Александар Вучиќ, се вели во објавениот материјал на веб-страницата на ЕП.
Исто така, се потсетува дека во отвореното писмо објавено на 5 февруари, комесарката за проширување Марта Кос повика на целосна, непристрасна и брза истрага за инцидентите против демонстрантите.
Пленарната седница на Европскиот парламент се одржува од 10 до 13 февруари во Стразбур.
Д. Т.