Народното собрание на Србија и официјално ја потврди оставката на премиерот Милош Вучевиќ, со што и завршува мандатот на актуелната влада, јавуваат српските медиуми.
Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари годинава, по нападот врз блокираните студенти во Нови Сад.
Со оставката на премиерот, владата станува техничка, а почнува рокот од 30 дена за избор на нова влада. Доколку во рок од 30 дена не се избере нова влада, ќе се одржат парламентарни избори.
Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека рокот за формирање нова влада почнува утре, 20 март, и изјави дека, според законот, новата влада треба да биде формирана до 18 април на полноќ.
Брнабиќ рече дека доколку до 18 април на полноќ не се формира нова влада, претседателот е должен да го распушти Собранието и да распише парламентарни избори.
Таа на конференцијата за медиуми во српското Собрание, по седницата на која беше соопштена оставката на премиерот Милош Вучевиќ, рече дека мандатот на владата и официјално завршил со соопштување на оставката во парламентот.
Д. Т.