Европската комисија ги повика властите во Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги и институциите на Република Српска, да ја почитуваат конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија, со која на Милорад Додик му беше одземен мандатот како претседател на Република Српска, пишуваат регионалните медиуми.
„По конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, Централната изборна комисија на 6 август одлучи да го прекине мандатот на Милорад Додик како претседател на Република Српска. Во согласност со Изборниот закон на Босна и Херцеговина, потребно е да се организираат предвремени избори“, одговори Европската комисија на прашањето за одбивањето на властите на РС да ја прифатат одлуката и најавите дека нема да ја спроведат.
Во одговорот се наведува дека ЕУ ги повикува сите релевантни институции и политички партии да овозможат брзо и уредно одржување на претседателските избори во РС, со целосно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на БиХ.