Министерот за правда Игор Филков изјави дека можеби дошол моментот за преглед на Принципот на Бадентер, познат како двојно мнозинство, кој е дел од Охридскиот рамковен договор и Уставот на Северна Македонија.
„Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, можеби е дојдено време да се ревидира“ – изјави Филков.
Претходно, минатата сабота, Собранието не успеа да ги усвои измените на Изборниот законик кои ќе воведуваа рамка за собирање потписи за независни кандидати за градоначалници и советници, поради недостиг на гласови за обезбедување на мнозинство по Бадентер. Според законските прописи, за обезбедување на Бадинтер се потребни најмалку 20 гласови од пратениците кои не се Македонци, а парламентарното мнозинство моментално располага со 14, евентуално 15 гласови.
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Принципот на Бадентер е дел од Уставот и рамковниот договор и како таков не се допира.
– Ова е правило, дел од Рамковниот договор. Рамковниот договор е дел од Уставот, целосно е исполнет и ова е затворена тема, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата чека мислење од Венецијанската комисија за Законот за адекватно застапување.
Од друга страна, Демократската унија за интеграција (ДУИ) повторно ја обвини Владата за непочитување на Охридскиот договор и предупреди дека доминирањето на мнозинството го маргинализира гласот на Албанците и другите заедници.
– Од самиот почеток кажавме дека оваа Влада има систематски план за напаѓање на Охридскиот мировен договор, што е потврдено со низа активности, почнувајќи од непочитувањето на правичното застапување, кое е уставна вредност, изјави Арбер Адеми од ДУИ.
Заменик премиерот за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, реагираше дека Принципот на Бадентер останува недопирлив и дека секој обид за негово ревидирање е правно невозможен.
– Дури и ако некој се обиде да го предизвика, нема албански пратеник кој би поддржал таква иницијатива. Секој разговор во оваа насока е бесмислен и антиевропски, нагласи Фетаи.
Принципот на Бадентер произлегува од Охридскиот рамковен договор и гарантира дека одлуките од национален и локален интерес ги одобруваат и претставниците на немнозинските заедници, обезбедувајќи еднаквост, коегзистенција и мир во мултиетничката држава.
Дестан Јонузи/Фронтлајн