Германија ќе го поддржи новиот мултимилијардерски фонд што го иницира Бразил за заштита на тропските шуми и ќе придонесе со „значителна сума“ во иницијативата, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска на самитот што се одржа пред почетокот на клучните климатски разговори.
Германскиот лидер зборуваше на состанокот на шефови на држави и влади во Белем, на работ на амазонската прашума, пред почетокот на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП30) в понеделник.
Фондот, познат како Tropical Forest Forever Facility (TFFF), официјално беше претставен вчера четврток и доби поддршка од 53 земји, меѓу кои 19 потенцијални државни инвеститори, соопшти Бразил.
Мерц нагласи дека тропските шуми се клучни во борбата против климатската криза.
– Тие истовремено се едни од најважните места за складирање јаглерод во светот и живеалиште за луѓе и безброј видови животни и растенија, рече тој, додавајќи дека за да се постигнат климатските цели, мора да се зачуваат тропските шуми и да се мобилизираат повеќе средства од приватниот сектор.
Според моделот што го предлага бразилската влада во рамките на TFFF, земјите што ги чуваат своите шуми ќе бидат наградени, а оние што уништуваат хектари ќе плаќаат казни, со сателитско следење за контрола.
По почетната фаза, фондот со целна вредност од 125 милијарди долари би можел да исплаќа околу 4 милијарди долари годишно, што е речиси трипати повеќе од сегашниот обем на меѓународно финансирање за зачувување на шумите.
Според плановите на Бразил, богатите држави доброволно ќе вложат 25 милијарди долари како основа, врз која во наредните години би се мобилизирале уште 100 милијарди долари од приватниот сектор.
Основачки членови, покрај Бразил, се Колумбија, Гана, Демократската Република Конго, Индонезија и Малезија.
И Бразил и Индонезија ќе придонесат со по 1 милијарда долари, додека Германија се очекува да уплати слична сума. Норвешка вети околу 3 милијарди долари, распределени во период од десет години, а Франција размислува за придонес од 500 милиони евра.
Околу 70 земји во развој со тропски шуми би можеле да имаат корист од фондот, при што една петтина од средствата ќе мора да се насочи кон домородните заедници и локалното население.












