САД го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина чија цел е постигнување договор за целосна нормализација на меѓусебните односи, изјави во Белград американскиот заменик помошник државен секретар Метју Палмер по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Имавме опсежни разговори во врска со билатералните односи, за работите што можеме заедно да ги направиме и да ја зајакнеме соработката. Разговаравме опсежно за американската поддршка на европскиот пат на Србија, изјави Палмер.
Тој нагласи дека САД се посветени на заложбите за напредок кон целта на Србија за членство во ЕУ.
Палмер нагласи дека на средбата со Вучиќ станало збор за континираната американска поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и за посветеноста на САД да работи заедно со Србија, Косово и ЕУ за да се дојде до договор за целосна нормализација на односите.