Очигледно свесни дека сами нема никаде да стигнат, „Македонија – Блокира“ на Јанко Бачев и единствената му Македонија реши да се здружи со „непријателот“ ВМРО – ДПМНЕ против уште поголемиот непријател наречен Зоран Заев и криминалната му власт.
Со оглед дека ВМРО – ДПМНЕ најави протест за денеска, „Македонија – Блокира“ одлучи да ги поддржи, единствено затоа што поддржуваат секакви протести наменети против власта на Заев. Сè во интерес на македонските работи, а кога тие се во прашање, како што велат во соопштението, настрана се тргаат тесно – партиските интереси.
И како сончогледки, блокирачите искористија прилика нивниот гест на поддршка го оправдаа со „потребното обединување на македонски (што и да им значи тоа) оти ова не е битка за поединци, лидери или за власт, ова е битка за опстанок на цел еден народ, ова е битка за Македонија и Македонците“.
Користејќи речник својствен за сите Семакедонци, прави верници посветени на света кауза во одбрана на Македонците за да не исчезнат од светската мапа на нации.
Или, попладнево ќе ги гледаме на улица истите „заблудени“ ликови, подеднакво сплотени за избори без Зоран Заев, Собрание без пратеници и Устав без промени.
Б. Јордановска