Децата што ги немаат примено сите вакцини според календарот за имунизација, а се на возраст за прво одделение, можат да бидат запишани во основно училиште, ама до септември да ги примат задолжителните вакцини. Ако до септември не ги примат, ќе се примени теренска вакцинација. Ова е еден од предлозите за кои ќе се разговара на седница на Влада, најави министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Министрите за образование, здравство и правда имале средба во неделата за да се изнајде решение околу уписот на првачиња, со цел да се испочитуваат законите и за образование и за здравство. До Министерството за образование стигнале забелешки на родители за забраната да се запишуваат оние деца што се невакцинирани, одлука што ја донесе Владата пред десетина дена поради епидемијата на морбили. Дали имало одбиени деца за упис во прво и доколку имало колку биле одбиени поради тоа што се невакцинирани, според Адеми ќе има податоци до крајот на месецот, кога завршуваат уписите за во основно образование.
„За уписот на првачиња кои не се вакцинирани ќе разговараме на седница на Влада бидејќи ситуацијата е сериозна и треба да ги запазиме двете уставни вредности. Според Уставот, основното образование е задолжително, но секако треба да го запазиме и јавното здравје. Така што со дополнителни консултации и со експерти и преку сериозен пристап околу сите аспекти на ова прашање ќе најдеме решение за проблемите со кои се соочуваме. Со прогласената епидемија и со ваквата ситуација и околности со кои сега се соочуваме, верувам дека ќе најдеме решение со кое овие проблеми ќе се надминат. Една од опциите што се разгледува е да се запишат учениците и во меѓувреме да се вакцинираат, односно на почетокот на септември да има теренска вакцинација за сите тие ученици што следат образовен процес, а се невакцинирани. Сепак, ќе речам дека треба да се разгледаат сите опции и најдоброто решение да биде преземено од наша страна како Влада и како институции“, подвлече Адеми.
М. И.