„Сега, со оглед на тоа што имаме техничка влада мислам дека ќе имаме добро реалзиран изборен процес“, изјави Јасна Бачовска, универзитетска професорка на панелот „Слободни избори наспроти црна пропаганда“ во организација на ЦИВИЛ за нејзините очекувања за она што ќе се случува во однос на периодот што следи до изборите.
Во однос на медиумскиот дел таа не очекува некои големи промени.
„Од тој аспект имајќи предвид се што се случуваше за време на референдумот и претседателските избори не верувам дека овој пат ќе биде нешто поразлично. Политичките партии може да направат многу, односно да ја канализираат политичката дебата на социјалните мрежи. Мислам дека треба да покажат ниво на политичка одговорност. Но знам нема да покажат. Гледаме каква реторика се артикулира. Гледајќи ја таа реторика, тоа ја навестува целата прљавштина која ќе се артикулира во наредниот период“, смета Бачовска.
„Нормално е дека се чувствува разлика во слободата на медиумите сега и за време на режимот. Меѓутоа, можеби новата влада не ги артикулира и не врши притисоци врз медиумите, но како општество треба да се работи уште многу. Тоа е многу долг процес. Ние имаме многу ниско ниво на медиумска писменост. Истражувањата покажуваат дека сме патријахално општество, и дека граѓаните се информираат од дебатните емисии кои имаат многу големо влијание врз јавното мнение. Лидери во информирањето станаа дебатните емисии“, заклучува Бачовска.