Министерскиот совет на Бугарија го прогласи 18 март за Ден на национална жалост во спомен на жртвите кои загинаа во трагични околности во градот Кочани, Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба. Бугарската Влада изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Во нивен спомен денеска на половина копје ќе бидат спуштени националните знамиња на државните институции, јави БТА, пренесе МИА.
Вкупно 59 лица загинаа, а 155 се здобија со различен степен на изгореници и повреди по пожарот што избувна во дискотеката Пулс во Кочани, источна Северна Македонија, за време на концертот на популарниот бенд ДНК во раните утрински часови во неделата. Некои од настраданите во пожарот се примени на лекување во Бугарија. Вкупно 14 од повредените со воено-транспортните авиони „Спартан“ и амбулантни возила од софиската Итна медицинска помош се пренесени во Бугарија.
Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија беше изложена книга на жалост, во која граѓаните можат да изразат сочувство во врска со пожарот во дискотеката во Кочани.