Македонскиот јазик го легитимира македонскиот идентитет. Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Со таква мисла, во еден свој текст, Петре М. Андреевски истакна дека „бранејќи го јазикот, ние го браниме и нашиот живот и нашето заедничко име, нашата заедничка татковина. Го браниме, всушност, највозвишеното – нашата самостојност, нашата слобода, а заедно со нив и нашата иднина“, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е покровителка на Свечена академија по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во МАНУ.
Таа потсети дека на 5 мај 1945 година, на страниците на нашиот прв дневен весник „Нова Македонија“ било објавено решението на тогашната народна влада на Македонија за македонската азбука. Еден месец подоцна, на 7 јуни, бил усвоен и македонскиот правопис. Со овие одлуки бил заокружен долгиот процес на оформување и кодификација на македонскиот литературен јазик.
-Но, не можете да кодифицирате непостоечки јазик. Можете да кодифицирате само постоечки јазик. Патот којшто го поминал македонскиот јазик од својот зачеток во мугрите на словенската писменост, па сè до својата конечна литературна кодификација во многу нешта наликува на оној што го поминале и другите литературни јазици. Следејќи го, ќе видиме дека тoj пат минувал низ лавиринтот на средновековните редакции, се пробивал низ долгите векови на народното творештво коешто било трпеливо собирано од преродбениците Миладиновци и Цепенков. Попатно ги среќаваме моралните поуки на Крчовски и Пејчиновиќ, учебниците на Зографски, Шапкарев и Мачуковски, беседите на Прличев, речниците на Пулевски. Следејќи го тој пат, чекориме со Лозарите, со Младата македонска книжевна дружина и Македонското научно-литературно другарство на Чуповски за, конечно, да се сретнеме со монументалното дело на нашиот најголем лингвистички гениј Крсте Петков Мисирков, рече Сиљановска Давкова.
Таа рече дека патот до кодификацијата не бил лесен бидејќи македонскиот јазик бил систематски потиснуван и негиран од соседните пропаганди. Неговите средновековни ракописи биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект, те на еден, те на друг, нам туѓ јазик.
-За тоа зборува и следново: многу од забранетите книги на Балканот во изминатите два века биле напишани на македонски. Речиси сите примероци од книгата „За македонцките работи“ биле уништени. „Абецедарот“, издаден на барање на Лигата на народите, никогаш не стигнал до учениците за кои бил наменет. На почетокот на Втората светска војна имало обиди да се запленат и да се уништат сите примероци на Рациновите „Бели Мугри“, додаде претседателката.
Но, како што додаде, многу поопасно од надворешните негирања претставува внатрешната негрижа за јазикот, што добива димензии на незапирлива епидемија.
-Морам да потсетам на нешто: годинава се навршуваат 145 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), годинава се навршуваат 150 години од „ Слогица Речовска“ , односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, годинава се навршуваат 135 години од одбраната на првиот докторат за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, годинава се навршуваат 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН! Се прашувам и ве прашувам: зарем овие настани и датуми не се доволни за прогласување на 2025 година за година на македонскиот јазик, рече Сиљановска Давкова.
Во законодавниот дом денеска беше одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, на тема „Младите и употребата на македонскиот јазик“. На годинешното одбележување свои обраќања имаа претседателката на собраниската Комисија за култура и туризам Саранда Имери-Стафаи, потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, пратениците Иванка Василевска, Бобан Карапејовски и Бисера Костадиновска Стојчевска, како и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Владимир Мартиновски и поетесата и организаторка на „Поетска ноќ во Велестово“ и „Скопски поетски фестивал“, Јулијана Величковска.
Претседателката на Комисијата за култура и туризам, Имери – Стафаи, во своето обраќање истакна дека јазикот не е само средство за комуникација, туку основа за нашиот идентитет и личност. Прославата на ваков јубилеј, вели, не е прослава само на граматика, туку прослава на една култура.
– Сите ние што живееме во оваа држава, сите ние што ја чувствуваме оваа земја како свој дом, можеби зборуваме на различни јазици, но делиме една заедничка желба да живееме со почит, еднаквост и гордост за тоа што сме. Мојот мајчин јазик е албанскиот и како секој човек се чувствувам послободна и поавтентична кога се изразувам на сопствениот јазик, но од почит кон денот што го славиме ќе продолжам на македонски јазик. Јазикот не е само средство за комуникација, туку основа за нашиот идентитет и личност. Прославата на ваков јубилеј, не е само прослава на граматика или правописни правила, тоа е прослава на една цела култура, рече Имери – Стафаи.
Кодификацијата на македонскиот литературен јазик е круна на сите обиди на народот да го зачува јазикот којшто го говорел со векови, вели потпретседателот на Собранието Милошоски. Ако кодификацијата е круна, вели, тогаш говорителите се темелите на јазикот. Според Милошоски, не е изгубен само интересот за изучување на македонскиот јазик, туку и квантитетот на говорители.
– Ако сакаме да го зачуваме нашиот јазик, тогаш нам ќе ни требаат уште закони, институти, инспекторати, правилници, но најмногу ќе ни требаат говорители. Ако во Општина Крушево оваа година имаме запишано само 13 првооделенци, може тие што се лингвисти и математичари уште колку години ќе опстојува македонскито јазик во Крушево. Ние можеме да донесеме многу правилници и закони за Крушево, но не можеме да го создадеме тоа што треба да го создаде еден човек или едно семејство … Не можеме да очекуваме дека вештачката интелегенција за 50 години од сега ќе биде говорителот на македонскиот јазик. Може да ја искористиме, но не може да очекуваме дека таа ќе го замени јазикот, истакна Милошоски.
Во своето обраќање, пак, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Василевска истакна дека президиумот на АСНОМ во 1945 година назначил комисија чија задача била да даде предлог за македонската азбука и македонскиот правопис.
– Президиумот на АСНОМ назначил комисија чија задача била да даде предлог за македонската азбука и македонскиот правопис. Комисијата ги дала следниве решенија: Во ,акедонскиот литературен јазик да се установат оние форми од централните македонски говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе биде лесно приемливо за луѓето од сите наши краишта. Во македонскиот литературен јазик треба во најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат зборови со живи наставки и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заемки. Македонската азбука да биде составена со онолку букви колку што има гласови во македонскиот литературен јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип. Во овие решенија Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулирала своите ставови во резолуциајта донесена на 3 мај 1945 година, која била усвоена на 5 мај истата година од Владата на Демократска федеративна Македонија, истакна Василевска.
Без мит нема нација, рече Карапејоски во своето излагање, нагласувајќи „сеедно што македонскиот мит честопати е под закана на пост-модернистичките притисоци за демитологизација до деконструкција“, бидејќи, како што рече, меѓу притисокот на оние кои што своето постоење го темелат на мит и конструкт, стои еден континуитет кој не може да се оспори.
– Наша е иднината, значи наше станува и минатото. Овој восклик на Конески, таму некаде непосредно по војната, чие одбележување на победата доаѓа деновиве, премногу ме потсетува на книгата што некаде требаше да биде опомена, а некаде стана прирачник „Орвеловата 1984“, каде што стои оној што ја контролира сегашноста, го контролира минатото, тој што го контролира минатото ја контролира иднината. Без мит нација нема, сеедно што македонскиот мит честопати е под закана на пост-модернистичките притисоци за демитологизација до деконструкција. Веројатно, деконструктивистите сосема слободно ја сфатиле буквално тезата, која во својата основа е точна, дека нациите се конструкти или во стилот на Рамбо Амадеус дека сите нации се халуцинации. Но, меѓу притисокот на оние кои што своето постоење го темелат на мит и конструкт на сериозна халуцинација и нивниот поттик да се реконструираме како нација, стои еден континуитет кој не може да се оспори, а е врзан за македонскиот јазик како нужен сегмент во тријадата територија-народ-култура, истакна Карапејоски.
Костадиновска – Стојчевска, пак, во своето излагање се осврна кон начинот на којшто беше донесен Законот за употреба на македонскиот јазик минатата година. Според неа, новиот Закон претставува современ правен акт и пример за тоа како треба да се изработува таков правен акт.
– Тој претставува не само еден современ правен акт, туку тој е пример за тоа како треба да се изработува таков правен акт, којшто е од заеднички интерес со широпка јавна дискусија и соработка со сите засегнати страни … Драго ми е што можам да заклучам дека во Република Северна Македонија постои сериозно јадро на институции и професионалци кои грижливо и систематично го штитат и го напредуваат македонскиот јазик. Постојат интелектуалци кои со својата работа потврдуваат дека македонскиот јазик не е загрозена категорија, тоа е жив и почитуван. Наша обврска како политичари и пратеници е да го поддржуваме, напредуваме, промовираме и да го афирмираме македонскиот јазик. Стариот закон од 1998 година, кој што имаше претрпено само неколку незначителни измени во текот на годините, ја имаше извршена својата првична функција и токму за тоа пристапивме кон создавање на тогашниот предлог-закон, односно предлог-закон за употреба на македонски јазик со целосно нов текст, истакна Костадиновска – Стојчевска.
Иднината на секој јазик е тесно поврзана со младите, нагласи деканот на Филолошкиот факултет, Мартиновски, посочувајќи дека нивниот генерациски предизвик не е само да научат да го пишуваат и говорат правилно стандардниот јазик, туку и активно да учествуваат во проучувањето на јазичната, книжевната и културната историја.
– Како што сите добро знаеме, иднината на секој јазик е тесно поврзана со младите и младите говорители, и секако тоа важи и за македонскиот јазик. Нивниот генерациски предизвик не е само да го запознаат темелно мајчиниот јазик и неговата историја, да научат да го пишуваат и говорат правилно стандардниот јазик, туку и да учествуваат активно, дел од нив, секако оние кои ќе се определат, тоа да го студираат, во проучувањето на јазичната, книжевната и културната историја, рече Мартиновски.
Додаде дека ниту еден јазик не е изолиран од другите јазици. Според Мартиновски, во изминатите осум децении недвосмислено се покажа дека македонскиот јазик има капацитет и огромен келсички фонд за да се преведат или препеат најзначајните достигнувања на светската книжевност.
– Во изминатите осум децени недвосмислено се покажа дека македонскиот јазик има капацитет, огромен лексички фонд и огромни изразни можности за на него да се преведат или препеат најзначајните достигнувања на светската книжевност … Преведувањето подразбира јазични компетенции во најмалку два јазици, како и темелно познавање на најмалку две култури, така што проучувањето повеќе јазици кај младите е едновремено и влог во развојот на македонистиката, вели Мартиновски.
Според Величковска, не е доволно да се говори колку сме загрижени за македонскиот јазик, во време кога средствата за издавање книги на млади автори се минимални и ограничени и кога надополнувањето на дигиталниот речник е несоодветно бавно.
– Во време кога три тома од речникот за македонскиот јазик се недостапни за јавност, не се препечатуваат, во време кога надополнувањето на речникот е несоодветно бавна и тромава, во време кога последното издание на правописот наместо да биде веќе обновено и корегирано стои во незнајни магацини. Во време кога средствата за издавање книги на млади автори се минимални и ограничени, не е доволно да говориме колку сме загрижени ниту е соодветно барајќи виновник да посочуваме прст кон други, а најмалку кон младите, рече Величковска.
Фото: архива