Официјални претставници на Европската унија изјавија дека Србија со своето однесување во Советот на Европа го прекршува Охридскиот договор од 2023 година, меѓу Косово и Србија, со кој посредуваше ЕУ. Во овој договор, меѓу другото, се наведува дека „од Белград се бара да не го попречува членството на Косово во ниту една меѓународна организација“, пренесуваат косовските медиуми.
Но, Косово на крајот на неделата на барање на Србија повторно беше изоставено од дневниот ред на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, а тоа го соопшти и претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ.
„Голема благодарност до нашите пријатели од Шпанија, голема благодарност до нашите пријатели од Европската народна партија (ЕПП), кои ни понудија поддршка за да имаме мнозинство за да можеме да ја отстраниме оваа точка од дневниот ред на Парламентарното собрание на Советот на Европа, рече Бернабиќ, пред пратениците на српскиот парламент.
Србија лани формираше и работна група за координација на активностите на државните органи против приемот на Косово во Советот на Европа. Портпаролот на Европската унија во петокот (07.03.2025) за медиумите во Брисел изјави дека „Србија очигледно ги прекршува своите обврски од Охридскиот договор, постигнат меѓу неа и Косово во 2023 година“.
„Однесувањето на Србија во Советот на Европа е јасно прекршување на обврските на Србија од Охридскиот договор. Оваа обврска е спомната во членот 4 од Договорот, кој зборува за непротивставување на членството во меѓународните организации“, рече портпаролот на ЕУ.
Охридскиот договор е правно обврзувачки и за Косово и за Србија
Охридскиот договор не е потпишан од страните, бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го потпише, но ЕУ инсистира дека договорот, сепак, е правно обврзувачки и за Косово и за Србија и мора да се спроведе во целост.
На почетокот на 2024 година, Косово не успеа да стане членка на Советот на Европа, иако имаше надежи за мнозинство гласови, но на крајот тоа беше условено со фактот дека косовската влада не го испрати нацрт-статутот на ЕУ за формирање на Заедницата на општините со мнозинско српско население до Уставниот суд на разгледување. Ова беше и главниот услов за членство на Косово во оваа организација.
Косовскиот премиер Албин Курти добил писмо од францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Џорџија Мелони, кои без конкретни чекори изразуваат поддршка за нацрт-предлогот на ЕУ за Асоцијацијата, а не само за обврските на Приштина.
„Прво, нацрт-статутот што го презентираше специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, не е само „џентлменски предлог“. не сакаме нефункционално Косово Асоцијацијата во никој случај не е споредлива со Република Србија“, се вели во писмото на тројцата европски лидери.
Но, премиерот на Косово Албин Курти и понатаму одбива да го испрати предлогот на ЕУ за асоцијација до Уставниот суд на толкување, велејќи дека тоа е европски нацрт, а не на косовската влада. Курти продолжува да инсистира дека Охридскиот договор од 2023 година мора прво да го потпишат Србија и Косово во целина, а потоа да почне да ги спроведува неговите точки.
Советот на Европа, каде Косово има за цел да се приклучи, е водечка организација во заштитата на човековите права, а евентуалното членство би му помогнало на Косово, меѓу другото, во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Д. Т.