Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, денеска беше во посета на Општина Аеродром, од каде најави политичко-кадровски промени во раководството на партијата по завршување на вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат на 2 ноември.
Според него, промените се последица на резултатите од првиот круг, особено во некои скопски општини.
„После ланскиот тежок пораз и интензивната работа оваа година и пол, овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Очигледно е дека е потребно, особено во општините каде не го постигнавме посакуваниот резултат, да продолжиме со интензивна работа. Во тој контекст, најавувам политичко-кадровски промени во раководството по изборите, за што ќе бидете известени“, изјави Филипче.
Тој посочи дека кандидатите на СДСМ се соочувале со притисоци пред гласањето, вклучувајќи финансиски контроли преку центри за социјална работа и понуди за пари за гласови, што го отежнувало нивното работење на терен. За овие случаи биле известени надлежните институции.
Филипче од Аеродром ги повика жителите да гласаат за кандидатот на СДСМ за градоначалник, Александар Трајановски, во вториот круг.
Откако првиот круг заврши, од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Филипче, по, како што наведуваат, „историскиот дебакл“ на СДСМ. Од партијата пак, истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е во паника, бидејќи СДСМ е на пат да освојува повеќе општини отколку што ВМРО-ДПМНЕ успеала во 2017 година.
Вториот круг од локалните избори ќе се води за освојување на 17 градоначалнички места.
Филипче додаде дека конечната одлука кого партијата ќе поддржи во вториот круг во општините каде нема свои кандидати за градоначалник ќе биде донесена во следните денови.
За евентуална поддршка на кандидати од ДУИ или Левица, Филипче посочи дека разговорите се во тек и се водат не само за Кичево и Брвеница, туку и за други општини, како Скопје, Карпош и Куманово.
„Ќе донесеме заклучок најдоцна до среда. Одлуката ќе се темели на локалните околности, анализите на општинските организации и расположението на членството“, изјави Филипче.
Лидерот нагласи дека поддршката нема да се заснова на етничка припадност, туку на политички ставови и вредности.
„Мултиетничкиот карактер на нашата земја и добрите меѓуетнички односи се нешто што мора да остане приоритет. Факт е дека граѓаните често гласаат по етничка линија, но кај нас тоа нема да биде критериум“, додаде тој.












