Финското претседателство со Европската Унија предлага отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, а во меѓувреме да се усвои нова методологија за преговори која ја бара Франција, при што Меѓувладината конференција меѓу земјава и владите на ЕУ да се одржи најдоцна во првата половина од 2020, јавува СДК.
Како што велат од СДК, според извори од Влада, овој заклучок е во драфт документ што треба да се усвои во Брисел, на последниот состанок на Комитетот на постојани претставници ) пред утрешниот Министерски совет во Луксембург.
Според владините извори, не се знае дали предлогот на Финска како претседавач на ЕУ вечерва ќе биде прифатен од Франција, која бара прво да се донесе новата методологија за процесот на проширување, а потоа да се додели датум за преговори за Северна Македонија и Албанија. Најверојатно е, велат изворите, дека конечната одлука сепак ќе се донесе на Самитот в четврток.