Во Северна Ирска имаше нереди четврта ноќ по ред, но на пониско ниво од претходно оваа недела. Во Портадаун, округ Армаг, во четврток толпа извади тули и ѕидарија од напуштена зграда и ги фрли врз полицијата, пренесува Би-би-си.
Во текот на првите три дена од насилството, кое започна во Балимена, беа повредени 41 полицаец. Досега се уапсени петнаесет лица.
Нередите започнаа во понеделник по мирен протест поради наводен сексуален напад во градот Антрим.
Во Портадаун, полицијата издаде предупредување преку звучници дека ќе пука со гумени куршуми доколку толпата не се распушти.
Во центарот на Портадаун имаше големо полициско присуство каде што се собраа околу 400 демонстранти во четврток вечерта. Повеќе од 20 полициски возила беа паркирани по главната улица, а полицајците во опрема за нереди блокираа голем број патишта.
Претходно во градот имаше мирен протест, но се појавија некои немири, при што врз полицијата беа фрлени камени плочи, вклучувајќи и празно буре пиво.
Полициски хеликоптер, исто така, лебдеше над центарот на градот, а полицајците мораа да изгаснат голем број пожари.
Пратеникот од Демократската унионистичка партија (ДУП), Џонатан Бакли, повика на „смиреност“.
„Никој не сака да види насилство на нашите улици, без разлика од каде доаѓа во Северна Ирска. Сцените во последните неколку дена беа вознемирувачки“.
Претходно, здружение за домување ги предупреди своите жители да ги напуштат своите домови и да преземат мерки за заштита на своите имоти пред протестот.
Во меѓувреме, во Балимена имаше и полициско присуство, главно во областа Клонавон Терас, со голем број лендровери паркирани на локации каде што претходно имало проблеми.
Сепак, по три ноќи насилни нереди, бунтовниците се држеа настрана.
М. Д.