пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Кога пред 30, 40 и повеќе години децата си играа, секоја грешка во играта можеше да ги чини раскрвавено колено, расцепена глава, скршен нос, џумки еден куп… Тогаш, децата се учеа да внимаваат и да размислуваат за последиците од секое забегување во игрите бидејќи учењето болеше. Во текот на играта, мораа да внимаваат за себе и за другарчињата. Со други зборови, се развиваше ОДГОВОРНОСТ, и за себе и за другите.
Но, со тек на времето, игрите се сменија. Наместо трчање на полјана, скокање на игралиште, качување на комшиските кајсии и цреши, децата се повеќе си играа на компјутер. А таму, додека си седат сигурни во својата собичка, можат да бидат цареви, витези, принцези или крволочни ѕверови. Да убиваат се и сешто, да сечат глави, понекогаш да градат, но почесто да рушат. Одвоени од реалноста, без никаква одговорност за која било постапка, единствена казна кога не успеат да испотепаат доволен број бедници им е – на екранот да се појави GAME OVER. Ама, до тоа GAME OVER секогаш стои и едно PLAY AGAIN! И после се од почеток…
Кога гледам што се случува околу мене во овие времиња, не можам, а да не заклучам дека истите тие дечиња од малку погоре, сега ја зеле државата да си играат со неа. И пак се одделени од реалноста, пак одговорноста им е НУЛА, пак им е сеедно колку и кои ќе бидат жртви во нивниот поход, тие едноставно играат се додека не се појави GAME OVER!
На нив не може да им се каже да закочат малку, џабе е, тие не разбираат, тие си го живеат својот виртуелен живот во виртуелен свет. Само, ако им дозволиме да продолжат, предоцна ќе биде кога сите заедно ќе сфатиме дека после ова game over НЕМА play again.
И мораме да си признаеме, не се само тие виновни! Виновни сме сите ние кои им дозволуваме да продолжат да си играат. А сè што треба е да им ја земеме играчката!
ВРЕМЕ Е ЗА ПРОМЕНИ!
Сериозни промени, а не ВИРТУЕЛНИ!