Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши го потпиша актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.
„Со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално. Ги повикувам сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности“, стои во писмената изјава на Гаши по повод распишувањето на локалните избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа.
Гаши ги повика граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето.












