Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ги повика Русија и Украина да го обноват договорот со кој се извезени повеќе од осум милиони тони жито од Украина и со кој се намалени глобалните цени на храната.
Тој ги повика и другите земји, главно на Запад, да го забрзаат отстранувањето на пречките што го блокираат рускиот извоз на жито и вештачки ѓубрива, пренесе агенцијата Франс прес.
Портпарол на шефот на ОН вчера истакна дека Гутереш ја нагласил итноста за обновување на договорот со цел „да придонесе за безбедноста на храната низ целиот свет“.
Договорот меѓу Украина и Русија, главните светски снабдувачи со жито, беше постигнат од ОН и Турција во јули и истекува на 19 ноември.
Рускиот амбасадор во ОН во средата изјави дека пред Москва евентуално да се согласи да го обнови договорот, на Русија треба да и се дозволи да ги извезува своите житарици и ѓубрива на светскиот пазар, „што никогаш не се случило од почетокот на договорот“. Тој додаде дека Русија се соочува со голем број проблеми за да го реализира својот извоз.
Гутереш додаде дека обновувањето на украинскиот извоз на жито од три црноморски пристаништа „значително би придонело за намалување на цените на пченицата и другите стоки“.