Поранешниот амбасадор на Соединетите Американски Држави (САД) во Србија, Кристофер Хил, не очекува САД да се мешаат во решавањето на проблемите на Балканот, вклучително и спорот меѓу Косово и Србија, како што правеше во минатото.
Според него, овој регион не е приоритет за САД, па затоа решенијата мора да доаѓаат одвнатре.
„Балканот, секако, е недовршена работа во Европа, но луѓето на Балканот треба да разберат дека има и други работи што се случуваат во други делови од светот. Затоа не треба да очекуваат луѓето да ги остават настрана проблемите со кои се справуваат, без разлика дали се работи за Украина или Блискиот Исток, и да речат: Добро, Косово, ќе се обидеме да ви помогнеме со ова“, рече Хил за Радио Слободна Европа.
Тој нагласува дека Косово треба да продолжи со воспоставувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство, како и дека Србија има свои обврски, но подвлекува дека ѝ помага на Украина – што е централно прашање во Европа, според него.
„Фактот дека се справуваме со некои интереси што ги имаме со Србија не значи дека сме против Косово, имаме и многу интереси во Косово“, вели Хил за РСЕ.